Фудбалска бајка со тажен шмек: Хаити оди на Мундијал, а селекторот сè уште не стапнал во земјата!

Објавено:

Ова е повеќе од фудбал. Ова е приказна за надеж, пркос и триумф на духот. Хаити, најсиромашната земја на американскиот континент, растргната од насилство, банди и политички хаос, се пласираше на Светското првенство 2026!.

За првпат по 1974 година, „Гренадирите“ ќе бидат дел од елитата, откако ја победија Никарагва со 2-0 и завршија први во групата пред фаворитите Хондурас и Костарика.

Селекторот кој води „тимови на далечина“

Но, најлудиот дел од оваа приказна е човекот на клупата. Французинот Себастиен Миње (52) ја води репрезентацијата веќе 18 месеци, но никогаш не стапнал на тлото на Хаити!.

Причината е суровата реалност: главниот град Порт-о-Пренс е под контрола на вооружени банди, а безбедносната ситуација е толку критична што репрезентацијата мора да игра на 800 километри од дома, на островот Курасао.

„Невозможно е, премногу е опасно. Нема меѓународни летови што слетуваат таму“, искрено признава Миње.

Радоста на „бегалците“

Моментот на славје беше срцепарателен. Играчите, собрани на центарот на теренот во туѓа земја, гледаа пренос на мобилен телефон од натпреварот Костарика – Хондурас. Кога мечот заврши 0-0, почна лудилото.

„Видов снимки на социјалните мрежи, во Хаити е лудило. Луѓето се на улиците. Моите играчи ќе бидат прекрасни амбасадори на земја која очајно има потреба од нив“, изјави емотивниот Миње.

Миње успеа да убеди играчи со хаитијанско потекло родени во Европа, како Жан-Рикнер Белеград од Вулверхемптон, да го облечат дресот и да играат за „семејството“.

Ова е доказ дека фудбалот може да донесе светлина и таму каде што владее најголемиот мрак.


Следете нè: Facebook | Instagram | X

Можеби ќе те интересира...

Поврзано

Тазе објавено