Рио де Жанеиро, градот кој дише за фудбалот, освен по својата раскошна историја, познат е и по една од најмрачните приказни поврзани со Светските првенства. Приказна полна со криминал, срам и доза на интрига која трае со децении – приказната за фудбалскиот свет грал, оригиналниот трофеј „Жил Риме“.
Уште на почетокот на одржувањето на турнирот во 1930 година, ФИФА донесе одлука: првата нација што ќе освои три титули, трајно ќе го задржи оригиналниот пехар. Откако моќниот Бразил ја демолираше Италија во финалето во 1970 година во Мексико, легендарниот трофеј ѝ беше врачен на Бразилската спортска конфедерација (денешна ЦБФ) во трајна сопственост.
Тој беше гордо изложен на третиот кат од нивните канцеларии во Рио, сè до кобната ноќ помеѓу 19 и 20 декември 1983 година. Тогаш, група крадци го совладале ноќниот чувар, ја скршиле дрвената рамка на кутијата од непробојно стакло и го украле пехарот. Иронијата да биде поголема, веднаш до оригиналот се наоѓала и реплика (која била внимателно обезбедена во сеф), но крадците знаеле точно по што дошле.
Настанала вистинска паника. Се стравувало дека трофејот ќе биде претопен во некоја од илегалните топилници во Рио за неговата вредност во злато (тогаш проценета на околу 8.000 фунти). Претседателот на ЦБФ апелираше за негово враќање, истакнувајќи дека духовната вредност е бесценета, но залудно. Иако подоцна биле уапсени двајца поранешни вработени како осомничени за „внатрешна работа“, ниту едно обвинение не било покренато. Пехарот никогаш не бил пронајден. Еден од осомничените, Антонио Карлос Арања, во 1989 година бил пронајден мртов со седум прострелни рани. И тука, трагата официјално завршува.

Нацистите, чевлите и кучето Пиклс
Но, Рио не беше првата локација каде што трофејот бил во сериозна опасност. За време на Втората светска војна, тој се наоѓал во банка во Рим, кај шампионите од 1938 година – Италија. Плашејќи се од нацистите, претседателот на Италијанската фудбалска федерација, Оторино Бараси, го прошверцувал трофејот во својот стан. Нацистите го пребарале станот, но за среќа не ја провериле старата кутија за чевли скриена под неговиот кревет, каде што бил сместен пехарот.
Потоа следувала англиската епизода од 1966 година. Изложен во Вестминстер во пресрет на турнирот, трофејот бил украден среде бел ден, и покрај присуството на четири чувари. Ова предизвика меѓународен скандал, а Бразилците тогаш арогантно изјавиле: „Ова никогаш не би се случило во Бразил, нашите крадци го сакаат фудбалот“. Седум дена подоцна, Англичаните биле спасени од кучето Пиклс, кое го пронашло трофејот завиткан во весник во една градина во Јужен Лондон. Англичаните за секој случај си направиле реплика.
Оригинал или реплика?
Кога Англија го предала трофејот пред Мундијалот во 1970 година, почнале да кружат гласини дека по грешка ја предале репликата. За да ја открие вистината, ФИФА во 1997 година на аукција го откупила трофејот што останал во Англија за неверојатни 254.500 фунти. По експертската проверка било утврдено дека тоа навистина е репликата, што значи дека оригиналот заминал за Мексико, а потоа во Бразил.

Мистеријата останува нерешена
И така, се враќаме на почетокот. Што навистина се случи со трофејот (статуетката на божицата Нике, висока 30 сантиметри) по кражбата во Рио во 1983 година? Дали навистина е претопен во златни шипки?
Фудбалскиот автор Сајмон Купер се сомнева во оваа теорија. Имено, оригиналниот трофеј не бил направен од чисто злато, туку од сребро обложено со злато, што го прави претопувањето помалку веројатно и не толку исплатливо.
Доколку не завршил во печките, тоа значи дека најпосакуваниот спортски трофеј во светот сè уште постои. Можеби е заборавен некаде во периферијата на Рио, или пак, чуван во мрачниот подрум на некој ексцентричен колекционер. Мистеријата за фудбалскиот свет грал продолжува да живее.



