Македонската ракометна експедиција официјално пристигна во својата база во Винтертур, Швајцарија. Ракометната федерација на Македонија (РФМ) потврди дека „црвено-жолтите“ се веќе сместени и подготвени за финалната проверка пред стартот на Европското првенство 2026 година.
Избраниците на селекторот Кирил Лазаров немаат многу време за одмор. Првиот тренинг во Винтертур е закажан веќе за денеска во попладневните часови, со почеток од 18:00 часот, каде ќе се „проба“ теренот пред утрешните натпревари.
Три теста за три дена
Учеството на традиционалниот „Жолт куп“ (Yellow Cup) ќе биде идеална можност за темпирање на формата. Во период од само три дена, од 08.01 до 10.01, Македонија ќе ги одмери силите со селекциите на Бахреин, Швајцарија и Украина.
Поддршката од фановите не изостанува
Иако далеку од дома, ракометарите ја имаат целосната поддршка од јавноста. Социјалните мрежи веќе се преплавени од пораки со желби за среќа и успех. „Со среќа момци, дајте се од себе и сите да се радуваме“, „Играјте машки и дрско“ и „Бог и Македонија се со вас“ се само дел од стотиците коментари упатени до нашите репрезентативци.
Лазаров во Швајцарија поведе 19 ракометари кои ќе го понесат товарот на овој турнир, но и на претстојното Европско првенство.
Овој турнир доаѓа во одличен момент за атмосферата во тимот, особено откако РФМ ја потврди долгорочната доверба во селекторот.



