Голманот на Германија Волф: „Овој трофеј би бил круна на кариерата“. Гола и Гисласон порачуваат: „Време е за перфектен меч!“

Објавено:

Точно десет години по последната европска титула во 2016 година, „Панцерите“ денеска (1 февруари 2026) излегуваат на мегдан против моќната Данска во големото финале. Германската ракометна репрезентација е обединета во сонот за злато. Додека голманот Андреас Волф се подготвува да собори историски рекорд, капитенот Јоханес Гола, младиот Ренарс Ушинс и селекторот Алфред Гисласон едногласни: Рецептот за Данска е само еден: совршена игра во текот на сите 60 минути.

Човек-рекорд: Волф го престигнува славниот Петерсен

Со самиот влез на теренот во Хернинг, Андреас Волф ќе стане новиот германски рекордер по бројот на настапи на Европските првенства (вкупно 42), престигнувајќи ја дефанзивната легенда на Кил Клаус-Дитер Петерсен.

„Секако дека е чест да се биде рекордер за Германија. Мислам дека тоа е сведоштво за долга и напорна работа. Да се престигне легенда како Пити Петерсен има посебен вкус,“ изјави Волф пред денешното финале.

За него, патот до врвот е симболичен, токму пред десет години во Полска тој блесна на светската сцена, а сега сака да го затвори кругот:

„Ситуацијата е слична како во 2016 година, повторно во финалето се среќаваме со најсилниот тим на турнирот. Мора многу нешта да се поклопат за да ги победиме Данците, но ќе вложиме сè за да ја освоиме титулата. Против најдобриот тим во светот ни треба совршен ден.“

Капитенот Гола: „Андреас е нашиот клуч“

Дека Волф е столбот на оваа генерација потврдува и капитенот Јоханес Гола, кој не штедеше пофални зборови за својот голман, кој и статистички е најдобар на овој шампионат.

Извор: https://www.ndr.de/

„По секој турнир велиме дека ова беше еден од најдобрите на Анди. Тој постојано перформира и секогаш е одговорен за нашите добри резултати. Тој е нашиот најискусен играч, видел сè во ракометот и го води тимот со своите партии,“ истакна капитенот Гола.

Гисласон бара лек за данската „машина“

Селекторот Алфред Гисласон анализираше што мора да се промени во однос на поразот од Данците во главната фаза. Исландскиот стратег смета дека клучот е во ефикасноста.

„Мораме да имаме многу подобра реализација. Имавме 23 промашени шутеви во првиот меч, тоа е премногу. Одбраната мора да ја сопре нивната брза транзиција. За победа над Данска, потребен ни е перфектен натпревар,“ дециден е Гисласон.

Извор: https://www.spox.com/(Getty)

Тој повлече и паралела со загубеното олимписко финале во Лил пред 17 месеци:

„Се надевам дека утре ќе биде поинаку. Во Лил имав впечаток дека на тимот му беше доволно само тоа што стигна до финалето. Сега сум сигурен дека менталитетот ќе биде различен.“

Ушинс: Притисокот е кај Данците

Младата ѕвезда во подем, Ренарс Ушинс, смета дека улогата на аутсајдер може да биде предност за Германија.

Извор: https://www.t-online.de/(Quelle: Maximilian Koch/imago-images-bilder)

„Ние не сме фаворити, но Данците би можеле да бидат под голем притисок бидејќи сите очекуваат тие да го подигнат пехарот. Сакаме да го донесеме мечот до неизвесна завршница, а во 50-тата минута сè е можно,“ вели германскиот бек.

Дали Германија ќе го повтори подвигот од 2016 или Данска ќе ја потврди доминацијата, останува да видиме вечерва од 18:00 часот.

Следете нè: Facebook | Instagram | X

Гостинска статија на Марија Петровска

Можеби ќе те интересира...

Поврзано

Тазе објавено