Гидсел се пошегува со нашата одбрана: „Мислев дека Македонците ќе тепаат повеќе“

 

Објавено:

Најдобриот ракометар на светот, Матијас Гидсел, беше незапирлив на отворањето на Европското првенство против Македонија (36-24), постигнувајќи 8 гола од 9 обиди. Иако нашата одбрана се обиде со „фластер“ и повремено поагресивна игра, Данецот по натпреварот изјави дека очекувал многу потешка битка.

Во разговор за данските медиуми, тој се осврна на тактиката на Кирил Лазаров, „тепањето“ од македонските дефанзивци и неговите чувства по мечот.

Извор: https://amagerliv.dk/ {Bo Amstrup/Ritzau Scanpix}
„Ме чуваа со фластер, но тоа не им успеа“

Македонија се обиде да го исклучи Гидсел од игра со посебна тактика, но тоа само отвори простор за другите дански ѕвезди како Питлик и Лауге.

„Имав чудно чувство по мечот, како да не бев дел од играта поради фластерот. Но, се додека победуваме, не ми е гајле. Македонците се обидоа да го уништат нашиот напад, но ние имаме премногу квалитет за такво нешто да успее,“ изјави Гидсел за Amager Liv.

За грубата игра: „Мислев дека ќе добијам повеќе ќотек“

На прашањето на новинарите на B.T. дали почувствувал болка од дуелите со македонските ракометари кои неколку пати го пратија на подот, Гидсел одговори со насмевка:

„Искрено, мислам дека имав лесен ден во канцеларија. Не добив толку многу удари. Мислам дека имаме различна перцепција за тоа што е ‘многу ќотек’. Беше фер натпревар, иако не игравме најубаво, важно е што тргнавме со победа.“

Специјален гостин на трибините

Натпреварот во „Боксен“ го следеше и легендарниот голман Никлас Ландин, кој се повлече од репрезентацијата по ОИ во Париз. Гидсел откри дека сè уште е во контакт со него.

„Ми пишува од време на време. Имаме и наши интерни дуели кога играме Фуксе Берлин против Алборг. Убаво е да се види поддршка од старите момци,“ изјави Гидсел за Ekstra Bladet.

Данска во следното коло игра против Романија, додека Македонија ќе ја бара својата шанса против Португалија.


Следете нè: Facebook | Instagram | X

 

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

 
 

Тазе објавено