Новак Ѓоковиќ (38) јавно проговори за природата на неговиот однос со најголемиот ривал, Рафаел Надал (39), признавајќи дека иако постои длабока почит, пријателството меѓу нив никогаш не било опција.

Српскиот тениски ас, кој сè уште доминира на АТП турот, неодамна отвори душа за италијанскиот весник Кориере Дела Сера за тоа како мега-ривалството со Шпанецот ја обликувало неговата кариера, но и нивниот личен однос. Двајцата тениски великани се сретнале рекордни 60 пати во кариерата (Ѓоковиќ води со 31-29), што го прави нивниот однос еден од најинтензивните во историјата на спортот.
Ѓоковиќ истакна дека иако со години го делеле тенискиот терен, блискост надвор од него било невозможно да се постигне.
„Надал е дел од мојот живот. Во последните петнаесет години, го гледав повеќе отколку мајка ми“, изјави Новак, додавајќи: „Никогаш не бевме пријатели. Пријателството меѓу ривали едноставно е невозможно“.

Во тенисот некогаш доминираше „големата четворка“: Рафаел Надал, Роџер Федерер (44), Енди Мареј (38) и Новак Ѓоковиќ, а сега единствено Ѓоковиќ сè уште игра. Српскиот рекордер по бројот на Грен Слем титули (24) објасни дека нивната интензивна конкуренција била главната пречка, иако на почетокот на кариерата имало обиди за зближување.
- „Надал е само една година постар од мене, и двајцата сме Близнаци во хороскоп. На почетокот дури и отидовме на вечера, двапати. Но, пријателството беше невозможно.“
Засекогаш поврзани преку ривалството
Сепак, Ѓоковиќ не пропушти да ја истакне својата искрена благодарност и восхит кон Надал и Роже Федерер, кои беа клучни во неговиот развој како играч.
„Секогаш сум го почитувал и неизмерно му се восхитував. Благодарение на него и Федерер, јас пораснав и станав тоа што сум. Тоа нè обедини засекогаш; чувствувам длабока благодарност кон нив. Но, никогаш не бевме непријатели“, заклучи Ѓоковиќ.
Гостинска статија на Марија Петровска
Следете нè: Facebook | Instagram | X



