Гостинска анализа: Дали е ова историска сезона за Арсенал?

Објавено:

Гостинска статија на Бојан

Еден од најтрофејните англиски клубови, Арсенал, оваа сезона игра со висок интензитет и ефикасност на двата најголеми фронта – Премиер лигата и Лигата на шампионите. Но, иако се моментално на врвот во двете натпреварувања, прашањето останува: дали овој тим има доволно сили и ментална цврстина да ја издржи трката до крај?

Доминација и предизвици во Англија

Во Премиер лигата, „Топџиите“ имаат тесна предност пред актуелниот шампион Манчестер Сити. Нивната позиција беше олеснета од фактот што Сити досега не играше на своето очекувано ниво, Ливерпул е непрепознатлив, додека Челси, иако со голем потенцијал, е лидер по бројот на испуштени бодови во мечевите каде што имал резултатска предност.

Сепак, голем хендикеп за Арсенал се бројните повреди, кои ја десеткуваа практично целата дефанзивна линија. И покрај тоа, тие остануваат лидери.

Клубот се соочи со загуба на бодови на тешкото гостување на „Стадионот на Светлината“, претрпе пораз кај Астон Вила во Бирмингем, и освои само еден бод во градското дерби против Челси на „Стемфорд Бриџ“, иако играа со играч повеќе речиси цел натпревар.

Извор: https://x.com/Arsenal

Последен аларм беше тешката победа на домашен терен против Вулверхемптон, објективно најслабиот тим во лигата. Арсенал одигра под просек, со xG (очекувани голови) од само 1.13 и само два удари во рамките на голот.

Во меѓувреме, најголемиот конкурент, Манчестер Сити, запишува четири победи во низа и е на само два бода разлика. Дали овој пад во формата значи дека Арсенал попушта и сè уште нема сила да стане шампион на Англија? Одговорот ќе го даде текот на сезоната.

Потера по историјата и европската сенка

Доколку Арсенал стигне до титулата, тоа ќе биде прва круна по легендарната сезона 2003/2004, кога беа „непобедливи“ и ја освоија титулата без ниту еден пораз, предводени од Тиери Анри, кој постигна 30 гола.

Но, клубот во интернационалните натпреварувања е речиси незабележлив. Во Лигата на шампионите стигнале само трипати до полуфинале, а имаат едно загубено финале од Барселона (2-1). Нивниот единствен меѓународен успех е Купот на Победници на Купови во 1994 година.

Оваа сезона во Лигата на шампионите Арсенал стартуваше одлично со 6/6 победи и само еден примен гол.

Останува прашањето: Дали Арсенал може по 22 години (2004 до 2026) да стане повторно шампион во Англиската лига и, за прв пат, да стане најдобар тим во Европа? Тоа би ја означило оваа сезона како најдобра во нивната 139-годишна историја.

Можеби ќе те интересира...

Поврзано

Тазе објавено