Она што започна како шпекулација, денес доби официјален печат – Антоан Гризман го напушта европскиот фудбал и се сели во МЛС лигата! Еден од најдобрите напаѓачи на својата генерација и икона на францускиот фудбал, потпиша договор со Орландо Сити, потег кој ја тресе фудбалската мапа на САД.
Францускиот велемајстор доаѓа како слободен играч од Атлетико Мадрид, а неговата авантура во Флорида започнува во јули 2026 година.

Договор до 2028 година и статус на „суперѕвезда“
Гризман потпиша двегодишен договор (до крајот на сезоната 2027/28), со опција за продолжување на уште една година. Како што се очекуваше, тој пристигнува со статусот „Designated Player“, што значи дека Орландо не штедеше средства за да го донесе светскиот шампион во своите редови.
„Доаѓањето на Антоан е историски момент за нашиот град и за целата лига. Тој е роден победник и еден од најинтелигентните играчи кои некогаш стапнале на теренот. Ова е доказ за нашата амбиција да изградиме шампионски тим“, изјави сопственикот на Орландо Сити, Марк Вилф.
Крај на една ера во Мадрид: 211 гола за историја
Гризман го напушта Атлетико Мадрид како најдобар стрелец во историјата на клубот. Со 211 голови зад своето име, тој стана симбол на ерата на Диего Симеоне. Во неговата витрина со трофеи блескаат пехарите од Лига Европа, УЕФА Суперкупот и Копа дел Реј, но неговото најголемо достигнување останува мундијалското злато со Франција во 2018 година.
Proven on the world’s biggest stages 🏆 pic.twitter.com/pV0nMt5593
— Orlando City SC (@OrlandoCitySC) March 24, 2026
„Американскиот сон“ на Гризман
Познато е дека Гризман е голем љубител на американскиот начин на живот, НБА лигата и културата во САД, па овој трансфер за него е исполнување на лична желба.
„Возбуден сум за ова поглавје. Уште од првиот разговор ја почувствував визијата на клубот. Едвај чекам да го почувствувам ‘жешкото’ навивање на стадионот во Орландо и да дадам сè од себе за нови успеси“, порача Гризман.
Со доаѓањето на Французинот, МЛС лигата добива уште едно огромно име кое ќе им се придружи на Меси, Сон и останатите ѕвезди во обидот да го направат фудбалот спорт број еден во Америка пред Мундијалот во 2026 година.



