Гвардиола доби моќно засилување: „Бомбардерот“ од Борнмут потпиша за Манчестер Сити!

Објавено:

Манчестер Сити не губи време во јануарскиот преоден рок. Само неколку часа по неговиот херојски гол за победа против Тотенхем, Антоан Семењо официјално се сели на „Етихад“. Еден од најексплозивните напаѓачи во Премиер лигата веќе отпатува на север на медицински прегледи, откако „граѓаните“ и Борнмут постигнаа договор вреден вртоглави 62.5 милиони фунти.

Иако Семењо имаше откупна клаузула, двата клуба се договорија за модел кој му одговара на Сити (исплата на рати во рок од 24 месеци), додека Борнмут на крајот ќе инкасира повеќе пари преку бонуси и процент од следна продажба. Репрезентативецот на Гана ќе потпише долгорочен договор со Сити до јуни 2031 година.

Извор: https://www.mancity.com

Зошто Пеп „загриза“ токму за Семењо?

По повредата на Савињо и потпирањето исклучиво на головите на Халанд, на Гвардиола му беше потребен играч со инстинкт на убиец кој може да игра на двете крилни позиции. Семењо оваа сезона е вистински кошмар за одбраните, а со 10 гола и 3 асистенции во 21 натпревар, тој покажа дека е подготвен за најголемата сцена.

Неговата главна карактеристика е моќта во транзиција. Семењо е застрашувачки брз, подеднакво добро шутира со двете нозе и има физичка конституција која му овозможува да ги „растура“ противничките дефанзивци. Статистиката вели дека само Ерлинг Халанд упатил повеќе удари кон гол (без пенали) од Семењо од почетокот на минатата сезона, што е доволен показател за неговата агресивност во нападот.

Борнмут станува „машина за пари“

Трансферот на Семењо е само уште еден доказ за врвната работа на Борнмут. Клубот од јужниот брег изгради репутација на фабрика за профит, откако претходно ги продаде Забарњи (ПСЖ), Керкез (Ливерпул) и Хујсен (Реал Мадрид) за огромни суми.

За Сити, доаѓањето на 26-годишниот напаѓач е јасна порака до Арсенал и конкурентите. Гвардиола добива играч кој е во својот врв, кој ја познава лигата и кој веднаш може да влезе во првиот тим и да решава натпревари. По трите ремија во низа, „граѓаните“ се надеваат дека токму Семењо ќе биде горивото што им е потребно за пресврт во трката за титулата.


Следете нè: Facebook | Instagram | X

Можеби ќе те интересира...

Поврзано

Тазе објавено