Хаос и срам во Индија: Навивачите дивееја и кршеа седишта, Меси „избега“ по само 20 минути!

Објавено:

Она што требаше да биде фудбалски празник во Индија, се претвори во целосен хаос и срам. Турнејата на Лионел Меси започна со скандал во Колката, каде разочараните навивачи предизвикаа нереди на стадионот „Солт Лејк“.

Илјадници фанови, кои платиле скапи билети (некои и до 130 долари, што е огромна сума за локалните стандарди) за да го видат својот идол, останаа бесни откако Аргентинецот се појави само на кратко и си замина.

20 минути „прошетка“ и бегство

Меси требаше да помине 45 минути на стадионот, но неговото појавување траеше едвај 20 минути. Тој беше опкружен со огромен кордон од полиција, политичари и локални ѕвезди, што на фановите им го попречи погледот кон фудбалската легенда.

„Меси си замина брзо, мислам дека се чувствуваше небезбедно. Едвај го видовме, изјави еден разочаран навивач кој патувал два дена за настанот.

Кога стана јасно дека шоуто е готово, настана хаос. Навивачите почнаа да ги корнат пластичните седишта и да ги фрлаат кон теренот, ја пробија оградата и навлегоа на тревникот, уништувајќи ги банерите и головите.

Уапсен организаторот, се враќаат парите

Реакцијата на властите беше брза. Сатадру Дута, главниот организатор на настанот, е приведен од полицијата.

„Преземаме мерки ова лошо менаџирање да не помине неказнето. Тој веќе писмено се обврза дека парите за билетите ќе бидат вратени, изјави шефот на полицијата.

Главниот министер на Западен Бенгал, Мамата Банерџи, јавно му се извини на Меси и на навивачите, нарекувајќи го инцидентот „длабоко вознемирувачки“ и нареди итна истрага.

Меси, кој е во Индија заедно со Луис Суарез и Родриго Де Пол, треба да ја продолжи турнејата во Мумбаи и Њу Делхи, но овој почеток фрла голема дамка врз целиот настан.


Следете нè: Facebook | Instagram | X

Можеби ќе те интересира...

Поврзано

Тазе објавено