Пораз на Македонија во првиот тест: Зицерите пресудија против Хрватска

Објавено:

Македонската ракометна репрезентација со пораз ги започна подготвителните натпревари за претстојното Европско првенство. Во рамките на првиот контролен пријателски натпревар, избраниците на Кирил Лазаров одиграа борбен и цврст натпревар против моќната Хрватска, но на крајот ја платија цената на пропуштените шанси во нападот. И покрај поразот, „црвено-жолтите” покажаа карактер, особено во дефанзивата предводена од фантастичниот Никола Митревски.

„Црната дупка” и промашените пенали во првиот дел

Натпреварот започна во изедначен ритам, со игра „гол за гол” и резултатска клацкалка од +1 до -1. Меѓутоа, средината на првото полувреме донесе сериозни проблеми за македонскиот напад. Во периодот од 16-тата до 21-вата минута, Македонија влезе во „црна серија” без постигнат погодок.

Главен виновник за ова беше хрватскиот голман (Славиќ), кој буквално ја „спушти ролетната”. Тој одбрани неколку чисти зицери, а нашата селекција не реализираше дури три удари од седум метри во тој краток интервал (два пати Никола Костески и еднаш Филип Кузмановски). Постот конечно го прекина Жарко Пешевски во 21-вата минута.

За наша среќа, Хрватите не успеаја целосно да го искористат овој наш пад, благодарение на извонредниот Никола Митревски. Нашиот голман нанижа 7 интервенции во првиот дел, држејќи ја Македонија во игра кога противникот водеше со +2 и +3. Највисоката предност на домаќините изнесуваше +4 во 23-тата минута. Финишот на полувремето донесе грешки на двете страни, па на одмор се замина со пристојни 14:11 за Хрватска, иако разликата можеше да биде и помала доколку бевме поконцентрирани во реализацијата.

Борбено второ полувреме.

Вториот дел започна со проблеми во организацијата на нападот и тешко креирање на чисти шанси. Техничките грешки и голманските одбрани ги оневозможија нашите ракометари да ги искористат исклучувањата во домашниот табор, а Хрватска казнуваше. Сепак, Ненад Костески со два брзи гола од крило не дозволи натпреварот рано да биде решен.

Хрватскиот голман продолжи да биде нерешлива енигма, бранејќи клучни удари на Митев и Кузмановски кога имавме шанса да се доближиме на -1. Но, и Македонија имаше свој херој на голот. Покрај стандардно добриот Митревски, младиот Галевски во второто полувреме влезе два пати од клупата и два пати одбрани пенал, подигнувајќи го моралот на екипата.

Тензичен финиш и судиски одлуки

Второто полувреме донесе многу поагресивна одбрана од страна на Македонија, што ги мачеше Хрватите во позициониот напад. Натпреварот доби на интензитет, а не изостанаа и грубите стартови. Во 48-та минута, Главаш заработи директен црвен картон по неспортскиот старт над Петар Атанасијевиќ, кој подоцна, во 52-та минута, повторно беше удрен, овој пат во главата, но за среќа помина без посериозна повреда.

Селекторот Лазаров во последните десетина минути се обиде со игра со двајца пикери во напад во моментите кога имавме играч повеќе на теренот, но за жал не успеавме многу ни на тој начин да им создадеме сериозни проблеми на хрватската одбрана. По црвениот картон и на Шимиќ (трето исклучување на 2мин) во 55-тата минута, Македонија заигра на „сè или ништо”. На две минути до крајот стигнавме до -1, но неколку дискутабилни судиски одлуки во корист на домаќинот и феноменталниот хрватски голман Славиќ (15 одбрани), не ни дозволија целосен пресврт.

Заклучок: Добра одбрана, нападот треба да се поправи

Гледано низ призмата на прв контролен натпревар, Македонија одигра квалитетно против реномирана селекција. Резултатот е во втор план, но радува пожртвуваноста и одличната игра во одбрана.

Загрижувачки фактор останува нападот, кој вечерва беше послабата страна. Освен капитенот Кузмановски, недостасуваше поголема поддршка од бековската линија, а бројката од 5 технички грешки и многу промашени зицери мора да се намали пред почетокот на ЕП.


Статистика на натпреварот

Македонија:

  • Голмани: Никола Митревски (13 одбрани – 7 во прво, 6 во второ), Марко Галевски (2 одбрани од 7 метри во второто полувреме).
  • Стрелци: Филип Кузмановски (7), Ненад Костески (3), Мартин Серафимов (3), Петар Атанасијевиќ (2), Иван Џонов (2), Марко Митев (1), Томислав Јагуриновски (1), Мартин Велковски (1), Самоил Ристевски (1).
  • Дисциплина: 2 исклучувања (4 минути), 2 жолти картони.

Можеби ќе те интересира...

Поврзано

Тазе објавено