Хрватска преживеа деветминутен „молк“, па ја скроти Швајцарија за враќање во трка за полуфинале

 

Објавено:

Хрватска успеа да направи пресврт и да се врати во конкуренција за полуфиналето на ЕП 2026, откако на крајот извојува важна победа од 28:24 против селекцијата на Швајцарија. Иако „коцкастите“ се доведоа во ситуација да стравуваат по катастрофалниот почеток, сепак квалитетот и искуството пресудија во Малме.

Поранешниот Вардарец го прекина постот

Хрватите го почнаа натпреварот очајно лошо, со цели девет минути без постигнат погодок. Швајцарија го искористи тоа и поведе со 3:0, а потоа и со 5:1, додека нападот на избраниците на Дагур Сигурдсон изгледаше тотално отсечено. „Постот“ конечно го прекина поранешниот вардарец, Лука Циндриќ, кој го отвори резултатот за својот тим и ја покрена хрватската машина.

Кузмановиќ изгласан за „Играч на мечот“

Пресудни за пресвртот беа одбраните на Доминик Кузмановиќ, кој беше прогласен за играч на мечот, но и бројните грешки и промашувања на Швајцарците, со што нивното неискуство на големата сцена дојде до израз. Тој влезе во серија одбрани во моментите кога Швајцарија имаше шанса резултатски да се одлепи, запирајќи го и налетот на Мануел Зендер кој одлично го почна натпреварот. Со помош на Дино Славиќ, кој фати клучен пенал, Хрватска до полувремето не само што се врати, туку и замина на одмор со водство од 13:11.

Искуството против швајцарскиот ентузијазам

Во второто полувреме, Швајцарија предводена од легендарниот Енди Шмид од клупата, на неколку пати се доближуваше на само еден гол негатива. Сепак, бројните технички грешки и неискуството кај Швајцарците дојдоа до израз. Хрватска знаеше како да ги казни тие пропусти, а кога Иван Мартиновиќ мораше накратко да го напушти теренот поради повреда, неговата замена Лука Ловре Кларица веднаш погоди за прво водство од четири разлика (18:14).

До крајот на средбата, одбраната на Хрватска остана стабилна, а Швајцарија и покрај обидите со „седум на шест“, не успеа да го скрши отпорот. Со оваа победа, Хрватска стигна до два бода во главната фаза и останува во игра за висок пласман, додека Швајцарија ќе мора да бара бодови во следното коло.

Извор: https://x.com/HRS_CHF

ШВАЈЦАРИЈА – ХРВАТСКА 24:28 (11:13)

Следете нè: Facebook | Instagram | X

 

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

 
 

Тазе објавено