Скопје живее во ритамот на ракометот, а најмладите македонски репрезентативци се вистински ѕвезди на Светското училишно првенство. Изминатиот ден донесе нови победи, обезбедени четвртфиналиња и сцени кои потсетуваат зошто ракометот е спорт број еден во Македонија.
Салите „Крсте Мисирков“ и „Македонско Сонце“ беа претесни да ги примат сите навивачи, а атмосферата беше исполнета со емоции, автограми и искрени детски насмевки.
Кадетките преку Грузија до четвртфинале – Словачка е следниот предизвик
Женската кадетска репрезентација, предводена од Даниела Новеска Вељаноска, ја демолираше селекцијата на Грузија со неверојатни 45-13. Со втората победа во низа, нашите девојки веќе го визираа пасошот за четвртфиналето.
Натпреварот во Ченто беше вистински празник, а учениците од училиштето „Крсте Мисирков“ приредија атмосфера за паметење. По последниот свиреж, ракометарките долго славеа и се фотографираа со најмладите навивачи кои ги исполнија трибините до последно место.
„Пресреќни сме што еден ваков настан се одржува кај нас. Ова е резултат на трудот кој го вложуваме цела година. Словачка ќе биде посериозен тест, но девојките се подготвени“, изјави селекторката Новеска Вељаноска, упатувајќи благодарност до Федерацијата за училишен спорт и Министерството за спорт за врвната организација.
Кадетите се вистински идоли: Се чекаше во ред за автограм!
Слична беше сликата и во салата „Македонско Сонце“. Машката кадетска репрезентација исто така славеше против Грузија, запишувајќи ја втората победа на шампионатот.
Она што остави најсилен впечаток беа моментите по мечот. Нашите кадети веќе имаат своја база на лојални фанови, а десетици деца чекаа во ред за да направат фотографија или да добијат автограм од своите нови идоли.
Утрешниот распоред: Битка за врвот во групите
Македонија утре ги игра последните натпревари од групната фаза, кои ќе одлучат за првото место во групите:
- Кадетки: Македонија – Словачка (10:30 часот, сала „Крсте Мисирков“)
- Кадети: Македонија – Р. Српска (10:30 часот, сала „Македонско Сонце“)



