Игор Ангеловски си замина од Кипар: Оставка по 6 порази во низа!

Објавено:

Поранешниот селектор на Македонија, Игор Ангеловски, повеќе не е тренер на кипарскиот прволигаш Етникос Ахна. По само 73 дена на клупата и серија лоши резултати, популарниот „Мрме“ одлучи сам да се повлече од функцијата.

Ангеловски ја презеде екипата на 2 октомври, но мандатот му траеше кратко. По денешниот пораз од Акритас (1-3), тој побарал состанок со претседателот и си поднел оставка.

„Оставката е чин на морална одговорност“

Ангеловски веста ја потврди преку својот Инстаграм профил, потенцирајќи дека ова е морален чин по слабите резултати.

„Денес остварив состанок на мое барање со претседателот Кикис Филипу и ја поднесов мојата оставка… Победите и поразите се составен дел од фудбалската игра, но оставката е чин на морална одговорност,“ напиша Ангеловски.

Црна серија и незадоволни навивачи

Статистиката на Ангеловски во Кипар беше разочарувачка. Во 10 натпревари, тој забележа само 3 победи (една во купот) и дури 7 порази. Етникос е во серија од 6 порази по ред во првенството и се наоѓа на 10-тото место на табелата.

Навивачите на Етникос веќе подолго време го бараа ова.

„Треба да смениме тренер пред да биде предоцна… тимот излегува на терен без страст, без сила и душа,“ коментираат фановите на официјалната страна на клубот.

Тајминг за враќање?

Оваа вест доаѓа во момент кога клупата на македонската репрезентација е испразнета. Дел од фановите веќе му пишуваат на Ангеловски: „Назад за селектор на Македонија“.

Дали ова е само коинциденција или знак?


Следете нè: Facebook | Instagram | X

Можеби ќе те интересира...

Поврзано

Тазе објавено