Исландски шок за домаќинот: „Рибарите“ ја прекинаа доминацијата на Шведска на ЕП 2026

Објавено:

Европското првенство во ракомет доби нов заплет откако Исланд одигра совршен натпревар и му го нанесе првиот пораз на ко-домаќинот Шведска. Во преполната арена во Малме, Исланѓаните славеа со убедливи 35:27, резултат кој целосно ја отвори битката за полуфиналето во втората група.

Виго Кристјансон и Халгримсон беа херои на Исланд

Од самиот почеток Исланд покажа дека нема намера да се повлече пред фаворитот. Голманот Виктор Халгримсон го започна мечот со одбранет пенал, што беше најава за неговата брилијантна вечер со 12 одбрани. На спротивната страна, Виго Кристјансон беше незапирлив со перфектни 11 гола од 11 обиди, заслужено добивајќи ја наградата за играч на натпреварот.

Исланд доминираше во првиот дел и замина на пауза со високи шест гола предност (18:12), оставајќи ги Швеѓаните без одговор на нивната брза игра.

Шведска се обиде, но немаше сили за пресврт

Во вториот дел, потпомогнати од Андреас Паличка на голот, Швеѓаните направија серија и во 45-та минута дојдоа на само еден гол негатива (23:22). Сепак, тоа беше сè што успеаја да направат. Исланд веднаш одговори со нова серија голови, ја врати предноста и на крајот стигна до најубедливата победа над Шведска уште од 2018 година.

Втората група можеби е „полесна“, но сепак подеднакво „пеколна“

По овој резултат, Исланд, Шведска и Словенија имаат по 4 бодови на врвот на табелата, додека Хрватска (со натпревар помалку) има 2. Ова значи дека нè очекуваат два дена на вистинска драма за тоа кои две репрезентации ќе патуваат во борба за медали.

Интересно е што по овој пораз на Шведска, на првенството веќе нема ниту една репрезентација со совршен учинок, што само потврдува колку е изедначен квалитетот на ова Европско првенство.

Следете нè: Facebook | Instagram | X

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

Тазе објавено