Резултатите на Олимписките игри не секогаш се мерат во медали, а најдобар доказ за тоа е Стивенсон Саварт. 25-годишниот спортист вчера испиша историја на Зимските олимписки игри во Милано и Кортина, станувајќи првиот претставник на Хаити кој некогаш се натпреварувал во крос-кантри скијање.
Херојски пречек на целта
Иако заврши на 64-то место во дисциплината скијатлон, Саварт беше пречекан со овации и громогласен аплауз од публиката. По претставувањето на својата земја како знаменосец на свеченото отворање, тој вчера го комплетираше својот олимписки деби настап со голем поклон пред фановите на целта.
„Целта е да го дадам најдоброто и да ги поместам сопствените граници. Огромна гордост и среќа е да се носи овој дрес. Сакаме да бидеме симбол за нашата мала земја и да им дадеме надеж на луѓето, бидејќи Хаити моментално поминува низ темен период“, изјави Саварт.
EXCELLENCE |
— facesofhaiti • 🇭🇹 (@FacesOfHaiti_) February 8, 2026
At the 2026 Winter Olympics, Stevenson Savart didn’t just ski, he made history as Haiti’s first Olympic cross-country competitor. His finish in the skiathlon may not be podium-level, but his presence marks a breakthrough for Haitian sport & visibility • // @Olympics pic.twitter.com/FieQASzf2D
Од тешки почетоци до олимписката сцена
Саварт е роден на Хаити, но израснал во Франција каде што бил посвоен. Патот до Олимпијадата не бил лесен, а тој често се соочувал со предрасуди како единствена црна личност на патеките додека растел, но неговата амбиција и напорната работа го доведоа до најголемата сцена. Благодарение на стипендијата од програмата за „Олимписка солидарност“, тој успеа да ја обезбеди потребната опрема и средства за учество на Игрите во Италија.
Пред Саварт, единствениот спортист од Хаити на Зимски олимписки игри беше алпскиот скијач Ричардсон Виано (Пекинг 2022), кој исто така се натпреварува и на овие Игри. Овие двајца спортисти денес се светлиот зрак на Хаити, покажувајќи му на светот дека оваа островска земја има многу повеќе да понуди од вестите за природни катастрофи.



