Историјата на сите клубови од Премиер лигата: Њукасл Јунајтед

Објавено:

Ако некогаш имало клуб во англискиот фудбал чијшто назив „Јунајтед“ навистина го носи буквалното значење, тоа е Њукасл Јунајтед. Ниту романтизирање, ниту маркетинг: токму таму, во срцето на Викториски Тајнсајд, двата фудбалски света на градот се споија во едно. Она што денес е еден од најстраствените и најпосетените клубови во Англија, започнал како два жестоки ривали – Исток и Запад.

Почетокот: две страни на истиот град

На источната страна, приказната започнува во 1881 година кога група играчи од крикет клубот „Стенли“ решија дека зимата е премногу досадна без топка на тревник. Така се родил Њукасл Ист Енд (Newcastle East End), кој подоцна го приклучил и малиот фудбалски клуб Роузвуд (Rosewood FC) и станувал сè посилен фактор во градот.

На западната страна се појавил Њукасл Вест Енд (Newcastle West End), тим што од првите години тргнал малку поамбициозно. Најпрво клубот играл на „Таунд Мур“, потоа се преселил во „Џесмонд“, за во 1886 година конечно да се насели на едно парче земја со 18-метарска падина на кое некогаш играле Њукасл Ренџерс. Денес тоа место е едно од најлегендарните стадиони во светот: Сент Џејмс Парк.

Сент Џејмс, стадионот на Њукасл Јунајтед, извор: https://www.newcastleunited.com

Жестоки ривали… сè до моментот кога повеќе немало простор за двајца

Исток и Запад не биле ривали – биле непријатели. Локалниот фудбал се играл со повеќе страст отколку ум, а двата клуба се бореле за играчи, терени, публика, па дури и за тоа кој ќе ја претставува вистинската фудбалска душа на градот.

Но, до 1892 година им станало јасно: Њукасл не можел да издржи два професионални клуба. Вест Енд западнале во сериозни финансиски проблеми, а Ист Енд биле во подем. И наместо ривалството да заврши со уште една војна, завршило со договор.

Во април 1892 година, Вест Енд го понудиле својот терен, играчите и она што останало од клубот, директно на Ист Енд. За само неколку дена, било договорено историското спојување. Истокот се преселил на „Сент Џејмс Парк“, оставајќи го старото име зад себе.

Њукасл Јунајтед circa 1893 Извор: NCJ/NCJ Archive/Mirrorpix/Getty Images

9 декември 1892: Денот кога Исток и Запад станаа обединети

Со оглед дека новиот дом се наоѓал во централниот дел на Њукасл, а не повеќе на исток, клубот решил да го направи логичниот чекор: да стане клуб на целиот град.

Гласањето било речиси едногласно и така се родил Њукасл Јунајтед.

Интересно, нивните препознатливи црно-бели дресови не биле веднаш воведени. Новиот „Јунајтед“ играл во црвено-бели дресови, боите на Ист Енд, сè до 1894 година, кога конечно го добил изгледот кој денес е препознатлив ширум светот со црно-белите дресови и прекарот „Magpies“.

Од „Magpies“ до „Toon Army“, тие се повеќе од клуб

Со текот на годините, клубот си изградил уникатна идентичност. Иако официјалниот прекар останува „Magpies“, денес никој во Англија не може да ја игнорира силата на „Toon Army“ – армијата на навивачи која секој викенд го претвора Сент Џејмс Парк во жив вулкан.

„Toon“ доаѓа од геордискиот изговор на „town“ (град), што убаво го одразува чувството дека Њукасл Јунајтед не е само клуб, туку срцето на целиот град.

Сент Џејмс, стадионот на Њукасл Јунајтед, извор: https://www.newcastleunited.com/en/history-of-our-home

Грбот, историјата и значењето

Во текот на историјата клубот користел различни верзии на грбот, но сите го носат печатот на градот Њукасл. Од морските коњи кои го симболизираат пристаништето, до лавот на Свети Ѓорги, до латинскиот натпис „Fortiter defendit triumphans“ – „Храбро брани и победува.“

Тие симболи не се случајни. Овој град преживувал опсади, борби и конфликти во средниот век, но секогаш излегувал посилен. Исто како клубот.

Од длабоките корени до модерната ера

Денес Њукасл Јунајтед е модерен гигант во настанување. Клуб што се подига кон европски амбиции со нова ера на инвестиции, инфраструктура и планови. Но суштината останува иста како во 1892: единство, градски идентитет и безусловна љубов од целата „градска армија“.

Ова е приказна за клуб создаден од два света што долго време биле спротивставени, а денес се симбол на нешто многу поголемо: град, народ, култура и фудбал со душа.

Извор: https://www.newcastleunited.com
Сент Џејмс Парк 1930, Извор: wikipedia.org

Можеби ќе те интересира...

Поврзано

Тазе објавено