Како приказната за еден Шекспиров лик стана приказна за еден од најубавите клубови во Англија…
Некои клубови се раѓаат од индустрија, некои од работнички квартови, а некои, како Тотенхем Хотспур, од малку магија, малку историја и малку Шекспир. Име како „Хотспур“ не среќаваш секој ден во фудбалот, а уште помалку име инспирирано од лик што се појавува во една од најпознатите англиски драми.
Но, приказната почнува многу поедноставно. На крајот на 19-от век, на земја која некогаш ѝ припаѓала на благородничката фамилија Перси, неколку момчиња кои преку лето играле крикет решиле дека мора да измислат нешто за да не им биде здодевно преку зимата. Собрани под едно улично гасно светло на Тотенхем Хај Роуд, буквално неколку десетици метри од денешниот стадион, тие одлучиле да формираат фудбалски клуб.
Според историчарката Џули Волш, „пристапницата за влез чинела шест пени“, а момчињата ја собрале токму на 5 септември 1882 година. Тој датум денес важи како официјален роденден на Тотенхем.

Од крикет до фудбал, од Хотспур до Тотенхем Хотсупр
Првичниот клуб се викал Хотспур Крикет Клуб, во чест на славната фамилија Перси, чиишто најпознат член бил сер Хенри Перси или „Хери Хотспур“, човек познат по брзината и дивоста во борба. Шекспир го овековечи во „Хенри IV“, а момчињата од Лондон решија да го овековечат на свој начин – со фудбалски клуб.
Кога започнале да играат фудбал, природно го задржале името Хотспур, но многу брзо настанал комичен хаос: нивни писма редовно завршувале кај друг фудбалски клуб кој се викал Хотспур во западен Лондон. За да престане мешаницата, во 1884 ја додале претставката Тотенхем.
Така се родил Тотенхем Хотспур, едно од најпосебните имиња во фудбалот.

Почетоците биле скромни. Играле на „Тотенхем Маршес“, јавна површина на која немале никаква контрола, а понекогаш се играло буквално паралелно со други тимови на соседни полиња. Дури во 1888 клубот се преселил на првиот „вистински“ терен во „Нортамберленд Парк“.
А во 1899 доаѓа историскиот момент: преселба на опуштената градина зад гостилницата „White Hart“ на Тотенхем Хај Роуд. Навивачите брзо го крстија новиот дом „Вајт Харт Лејн“ (White Hart Lane). И така започна една фудбалска легенда.

Од сино до чоколадо и конечно бело
Интересно е што Тотенхем не бил клуб „во бело“ од самиот почеток. Првите дресови биле целосно сини (1882–1885). Потоа, момците од Северен Лондон се инспирирале од шампионите Блекбурн Роверс (Blackburn Rovers) и облекле светло-сини и бели половини.
Во 1890 носеле црвени дресови и сини шорцеви, истите бои како нивните најголеми ривали Арсенал. Нормално, тоа брзо станало неприфатливо.
Во обид да изгледаат уникатен стил, во 1896 година се појавиле во чоколадно-златни хоризонтални линии, еден од „најслатките“ дресови во историјата на англискиот фудбал.
А белите маици и темносините шорцеви, денешниот класичен изглед, доаѓаат во 1898 година, како почит кон Престон Норт Енд (Preston North End), тогашната непобедлива сила во англискиот фудбал. И остануваат засекогаш.

Што значи „Хотспур“ и од каде е знаменитиот петел?
Името, како што кажавме, е омаж на храбриот, тврдоглав, темпераментен сер Хенри „Хери Хотспур“ Перси. Основачите сакале нивниот тим да игра со истиот жар и истата дрскост – „да се осмелиш значи да направиш“, како што ќе стане клупско мото: Audere est facere.
А петелот? Прекрасна симболика: боречките петли носат „spurs“ – острици на нозете. Поранешниот играч В.Џ.Скот во 1909 лично излеал бакарна статуа која ја поставил над тогашната западна трибина. Тој петел стои таму до ден денес, како заштитник на северен Лондон.
Во старата грб на клубот можеа да се забележат и локални симболи како замокот Брус (од Харингеј), седумте дрвја засадени од седумте сестри од Тотенхем (оттука „Seven Sisters“) и лавовите од грбот на фамилијата Перси.
Сето тоа е приказна што се чита како роман, но е вистинска историја на еден фудбалски клуб што и денес знае да создаде магија.




