Историјата на сите клубови од Премиер лигата: Вест Хем Јунајтед

Објавено:

Како клуб роден од бродоградилиште стана еден од најромантичните симболи на англискиот фудбал…

Фудбалот често знае да стане мост меѓу светови што инаку никогаш не би се допреле. Токму така започнува и приказната за Вест Хем Јунајтед, приказна родена во срцето на индустријата, меѓу работници, машини и железо.

Во летото 1895 година, Арнолд Хилс, наследник на големото бродоградилиште „Thames Iron Works and Shipbuilding Company“, барал начин да се зближи со своите работници. Како поранешен капитен на фудбалскиот тим во училиштето Хероу, тој ја гледал топката како совршен јазик на заедништво. Го финансирал создавањето на фудбалскиот клуб Темза Ајронворкс (Thames Ironworks FC), клуб составен од работниците, а тимот го водел главниот работник Дејв Тејлор.

Извор: https://www.whufc.com

Нивниот прв дом бил речиси митски: парче земја на Хермит Роуд, толку сиромашно со трева што локалците го викале „cinder heap“. Но и таму, меѓу прав и цемент, Арнолд Хилс организирал револуционерни моменти, како фудбалски натпревари под рефлектори во 1894 и 1896 година, со поставени платнени паравани за да се спречат љубопитните да гледаат без билет.

Клубот растел брзо. Во 1898 година се приклучил на Јужната лига и, за да биде конкурентен, почнал да носи професионални играчи. Тоа на Хилс не му се допаднало. Тој го замислувал тимот како аматерски проект за неговите работници, а не како професионален клуб. И кога професионализацијата станала неизбежна, Хилс го напуштил клубот.

Извор: https://www.whufc.com

Внатрешните конфликти и финансискиот притисок довеле до важна пресвртница: Темза Ајронворкс бил распуштен, а веднаш потоа прероден под ново име – Вест Хем Јунајтед, во летото 1900 година. Тоа беше моментот кога се роди клубот што сите го знаеме денес, одделен од индустрискиот корен, но со наследство што никогаш нема да избледи.

Околу тоа време клубот ги добил и своите славни кларет црвена и сина бои. Според една од легендите, неколку играчи на Вест Хем добиле дел од опремата на Астон Вила по добиен облог и така започнала традицијата што трае до денес.

Извор: https://www.whufc.com

Во првите години клубот се селел од терен на терен. Најпрво на „Брунинг Роуд“, потоа огромниот „Меморијал Рикриејшн Граунд“ кој наводно имал капацитет од фантастични 120.000 луѓе. Но најважното преселување се случило во 1904 година, кога Вест Хем се вселил на местото што ќе стане легенда: „Аптаун Парк“, познат и како „Болејн Граунд“ (Boleyn Ground).

Тоа било земја каде некогаш стоела речиси мистична куќа наречена „Грин Стрит Хаус“ (Green Street House), подоцна, погрешно протолкувана и прекрстена во „Замокот Болејн“ (Boleyn Castle), заради кулите што ја правеле да изгледа како замок. Од таму доаѓа и симболот на клубот – кулата на грбот, прекрстена со два чекани, потсетник на бродоградилиштето и иденитетот на „The Irons“.

Извор: https://www.whufc.com

Иако врската со Темза Ајронворкс одамна беше исечена, никој не можеше да ги избрише зборовите што и денес ја дефинираат културата на клубот: Чекани и Челик (Hammers and Irons). И сето тоа, вечно впишано во оние легендарни бои на кларет и сино, најубаво овековечени во силуетата на Боби Мур, во белите шорцеви и кратките сини ракави.

Вест Хем Јунајтед е потсетник дека понекогаш најубавите фудбалски приказни се раѓаат од најскромните места.

Извор: https://www.whufc.com

Можеби ќе те интересира...

Поврзано

Тазе објавено