„Исушување на мочуриштето“: Како обложувањето го „изеде“ турскиот фудбал – 1.024 играчи и 149 судии суспендирани!

Објавено:

Турскиот фудбал се соочува со егзистенцијална криза. Она што започна како сомнеж, прерасна во лавина која се заканува да го потрупа интегритетот на најпопуларниот спорт во земјата.

Во понеделникот, Турската фудбалска федерација (ТФФ) објави шокантна бројка: 1.024 фудбалери се суспендирани поради поврзаност со обложување. Ова доаѓа само неколку недели откако беа суспендирани и 149 судии од истата причина.

Претседателот на ТФФ, Ибрахим Хаџиосман, ја нарече оваа операција „исушување на мочуриштето“, признавајќи дека проблемот не е само структурен, туку длабоко етички.

Кој е вклучен? Од аматери до ѕвезди во ЛШ

Списокот не ги поштеди ниту најголемите. Иако најголемиот дел (997) играчи доаѓаат од пониските лиги, дури 27 фудбалери од Суперлигата се на списокот.

Меѓу имињата се најде и Ерен Елмали, дефанзивецот на Галатасарај кој настапи на сите четири натпревари во Лигата на шампионите оваа сезона, вклучувајќи ја и победата над Ливерпул. Тој веднаш беше исфрлен од репрезентацијата на Турција, иако преку социјалните мрежи тврди дека неговото име се појавува поради облози ставени пред пет години без негово знаење.

Слична е ситуацијата и со ветеранот на Бешикташ, Неџип Ујсал, кој тврди дека некој го злоупотребил неговиот матичен број за да отвори сметка за обложување.

Зошто SportStation.mk постои? (Нашиот став)

Овој скандал во Турција е најболниот доказ зошто нашиот „Вајт Пејпер“ (White Paper) е темелот на сè што работиме.

Додека светот гледа статистики и суспензии, ние гледаме уништени кариери и изгубена доверба. Во нашиот манифест јасно стои: „Ние ја отфрламе културата на искористување на спортот за заработка и промовирање на оние кои треба да претставуваат идоли за младите преку обложувалници“.

Кога обложувањето ќе влезе во соблекувалната, спортот умира. Тоа веќе не е натпревар на вештини, туку трансакција. Овие 1.024 суспендирани играчи се симбол на индустрија која ја „јаде“ суштината на играта.

Затоа, нашето ветување останува непроменето: Без реклами за обложување, казина и брзи кредити. Засекогаш.. Бидејќи сакаме да создадеме платформа за следната генерација, каде љубовта кон спортот се поттикнува, а не се манипулира.

Хаос пред преодниот рок

Последиците се катастрофални. Турската федерација веќе побара од ФИФА да го продолжи зимскиот преоден рок за 15 дена, бидејќи многу клубови останаа без играчи и мораат итно да ги пополнат дупките во тимот.

Ова е лекција за целиот фудбалски свет. Кога ќе дозволите „мочуриштето“ да се прошири, тоа ги голта сите – од судиите, преку играчите, па сè до душата на навивачите.


Следете нè: Facebook | Instagram | X

Можеби ќе те интересира...

Поврзано

Тазе објавено