9.8 C
Skopje

Јувентус ја бара својата ДНК: Од падот со Роналдо до новото лице со Спалети

Објавено:

Текст на Горан Талевски

Јувентус долго време се мачи да ја најде својата ДНК и да се врати на славата што некогаш ја имаше. Во последните години може да се посочат неколку клучни моменти: периодот по пандемијата, но и контроверзниот трансфер на Кристијано Роналдо во Јувентус, кога почнаа сериозни проблеми што на прв впечаток не беа очигледни, освен ако не се задлабочите во случувањата околу „Старата Дама“. За некои тоа прво предупредување беше заминувањето на спортскиот директор Бепе Марота во Интер и кавгата помеѓу него и тогашниот претседател Андреа Ањели. Од тогаш јасно се виде дека во клубот нешто не функционира како што треба. Следуваа проблеми во управата, кои постепено се одразуваа и на формата и на резултатите на тимот.

Кога многумина сметаа дека доаѓањето на Кристијано Роналдо ќе ја подигне формата и од маркетиншки аспект, и како засилување на составот, пандемијата се покажа како сериозен негативен фактор за Јувентус. Големите плати на играчите станаа тешко одржливи за време на кризата, па наскоро следеа намалувања на плати, а потоа и други големи финансиски загуби. Набргу станаа јавни информации за наводни неправилности во договорите на раководството со одредени играчи.

Извор: https://www.juvefc.com

Незаконско прикривање и лажно пријавување на плати и трансфери, како и сокриени загуби, доведоа до казни за Јувентус и обвиненија против дел од тогашните директори на клубот – Недвед, Ањели, Паратичи итн. Последиците беа сериозни и долги. Мора да се напомене исто така дека односот помеѓу Андреа Ањели тогашен претседател на клубот и кум на претседателот на УЕФА, Александар Чеферин беше многу лош, поради тоа што Ањели беше еден од луѓето што јавно им „завртија грб“ на УЕФА со организирањето на новиот фудбалски проект “Супер Лига“. Тогаш исто така Чеферин влезе директно во пресметка со луѓето кои беа организатори на оваа идеја што се одрази лошо врз клубовите што не сакаа да се откажат од идејата до самиот крај.

Позитивен пресврт во раководството беше назначувањето на Џунтоли за претседател. Тогашниот актуелен тренер Масимилијано Алегри доби можност да го поправи тимот, но брзо стана јасно дека новиот претседател не е задоволен од играта и резултатите. На крајот од сезоната Алегри беше отпуштен по натпревар од Купот на Италија, поради наводно неприфатливо однесување на тој натпревар.

Следуваше нова сезона, нов старт и нов тренер: Тијаго Мота, кој претходно имаше одлични резултати со Болоња и ја однесе екипата во Лигата на Шампионите. Италијанските и меѓународните медиуми и фудбалски познавачи го пофалија Мота за неговата тактика и игра и за тоа што млад тренер игра еден лично негов стил. Мота го замени пасивниот 3-5-2 на Алегри со поофанзивен пристап, што донесе надеж за повторно раѓање на Јувентус – и со убав фудбал, и со резултати.

Почетокот на новата сезона беше ветувачки: по два натпревари тимот имаше исто толку победи, со три постигнати голови и ниту еден примен. Во таа сезона, првиот примен гол се случи дури во петтото коло, односно на првиот меч во Лигата на шампионите против ПСВ, а во Серија А првиот гол беше примен во седмото коло од Каљари. Навивачите беа пријатно изненадени од преобразбата и новата жед за игра, докажување и успех.

Тоа лето клубот се „ослободи“ од многу играчи кои не му одговараа на Мота, меѓу кои и малку несфатливо за одредени фудбалери како беа пуштени да си заминат и доведе значајни засилувања. На голот дојде Ди Грегорио, избран претходната сезона за најдобар голман во Серија А, додека Шчесни воопшто не доби можност за докажување.

Најскапото засилување беше Копмајнерс, кој, искрено, до денес не ги оправда очекувањата. Исто така дојдоа и Консисао, Даглас Луис, Кефрен Турам, Кабал Нико Гонзалез и Калулу.

Извор: https://www.juvefc.com

Набрзо проблемите со повреди открија друга слабост – кратката клупа. Често беше потребно да настапуваат младинци како Ембангула или Савона, кои, иако со потенцијал, не носеа доволна стабилност. Мота почна да ја губи контролата во соблекувалната, што се одрази на играта и резултатите: раното испаѓање од Лигата на шампионите, порази од Емполи и елиминацијата од Купот на Италија, а и следните големи порази од Аталанта (4:0) и Фиорентина (3:0) го означија пресвртниот момент.

Директорот Џунтоли немаше веќе трпение и Мота доби отказ. Проектот за нов, младешки и победнички Јувентус се сруши како кула од карти по само десет месеци. Сезоната беше практично изгубена и единствената реална цел остана влез во топ 4 и повраток во Лигата на шампионите. Решението беше назначување на Игор Тудор, поранешен играч на Јувентус, кој требаше да донесе стабилност.

Договорот помеѓу Тудор и управата беше до крајот на сезоната со опција за продолжување ако тимот се пласира во Лигата на шампионите. Тудор ја врати формацијата со три централен-одбранбени играчи и воведе полу-пресинг на средината од теренот.

На дебито ја победува Џенова со 1:0, иако играта остана тактички едноставна и здодевна за гледање.
За време на неговото седуммесечно водење, Тудор оствари пет победи, три реми и еден пораз во Серија А, сигурно обезбедувајќи место во топ 4 и директно место во Лигата на шампионите.

Првото Светско клупско првенство донесе финансиски придобивки, а летото следеа промени во раководството: Џунтоли беше отпуштен, позицијата класичен спортски директор се укинува, и беа именувани нови позиции – Демјен Комоли како генерален директор, Франсоа Модесто како технички директор и Џорџо Кјелини како директор за фудбалска стратегија. На трансфер-пазарот Јувентус се обиде да ги намали трочоците и да ги затвори дел од долговите, па не доведе многу нови играчи. Договорите на Консинсао и Калулу беа откупени, дојде Џонатан Дејвид од Лил како слободен агент, а на крајот од преодниот рок беа купени Жегрова од Лил и Опенда од Лајпциг. Дали овие потези ги задоволија потребите на Тудор останува отворено, но тој продолжи со уигрување на тимот за новата сезона.

По краткиот летен одмор, Јувентус започна со пријателски натпревари – првиот против Реџиана беше со очајно лоша игра, но потоа формата се подобри. Сезоната ја отворија одлично резултатски – три победи од три натпревари. Најинтересно беше дербито со Интер, кое заврши 4:3 за „Старата Дама“, со победнички гол на младиот црногорски тинејџер Аџиќ во последните секунди. Атмосферата во клубот и меѓу навивачите беше позитивна. Се чинеше на момент дека Јувентус полека но сигурно се враќа на старите патеки.

Потоа следеше спектакуларен меч во Лигата на Шампионите против Борусија Дортмунд, каде што Јувентус од негатива 4:2 успеа да извлече 4:4, што ги разбуди надежите за карактер и борбеност. За жал, од тој момент па до последното коло против Удинезе, тимот не запиша ниту една победа – осум натпревари без триумф, вклучувајќи три последователни порази и низа од четири натпревари без постигнат гол. Тоа беше пресекот по кој Тудор доби отказ.

Иако на прес-конференциите Тудор не делуваше загрижен за својата позиција, отказот следуваше брзо. Медиумите веднаш почнаа да бараат алтернативи за клупата: спомнуваа имиња како Манчини, Паладино, Спалети, а единствено странско име што се појави беше поранешниот тренер на Борусија Дортмунд, Терзиќ.

Извор: https://www.juventus.com

Спалети нов тренер на Јувентус

Пред два дена Лучијано Спалети и официјално беше назначен за нов тренер на Јувентус, иако информацијата беше позната уште претходно откако новинарот Фабрицио Романо објави дека е постигнат договор помеѓу челниците на клубот и тренерот. Договорот предвидува Спалети да добие 3 милиони евра до крајот на сезоната, што е идентичен услов како кај претходникот Игор Тудор. Задачата на Спалети е да го спаси Јувентус оваа сезона, да го врати во топ‑4 во Италија и да обезбеди место во Лигата на шампионите. Успехот ќе донесе продолжување на договорот и следната сезона.

Во медиумите се водеа полемики затоа што Спалети како тренер ја освои третата титула со Наполи и дури направи тетоважа посветена на тој успех, што некои извори ја интерпретираа како потенцијален конфликт на лојалнос. По објавата за ангажманот, фановите се поделени: дел сметаат дека тоа е добар потег поради искуството и тактичката робусност на Спалети, додека други ја критикуваат одлуката заради негова поврзаност со Наполи и Интер.

Извор: https://x.com/juventusfc

Спалети и неговата стратегија и тактика

Лучијано Спалети е тренер чиј влијание врз современиот фудбал се мери не само со трофеите, туку и со тактичките идеи што оставија траен белег во еволуцијата на играта. Неговиот пристап е интелигентен, флуиден и адаптибилен – од дисциплинирани системи во доцните 90‑ти до модерниот концепт на игра „преку простор“, што го однесе Наполи до третата титулата во Серија А.

Спалети не е догматски приврзан за еден систем, тој ја чита динамиката на противникот и ја моделира играта според моменталните услови на теренот. Неговите тимови се карактеризираат со компактност, интелигентно движење без топка и контролиранa агресија. Тој гледа на системот како „жив организам“ – кој се менува, се развива и се приспособува. Од Сампдорија, преку револуцијата во Рома со концептот на „лажната 9ка“, до зрелите фази во Зенит, Интер и триумфалното добивање на Скудето со Наполи, Спалети ја обликуваше својата филозофија како спој на италијанска дисциплина и европска модерност.

РОМА (2005–2009)
За време на мандатот во Рома, тимот често играше во формација 4‑2‑3‑1, со варијации кон 4‑6‑0 кога централниот напаѓач (на пример Франческо Тоти) се повлекуваше како „лажна 9ка“. Во дефанзивата четворица играчи ја формираа задната линија, пред нив имаше два контролни средни играча, додека крилата и позади напаѓачот имаа слобода за движење и ротации. Клучен елемент беше позиционирањето на Тоти – наместо класична „централна 9ка“, тој делуваше како креативна опција, повлекувајќи дефанзивци и отворајќи простор за соиграчите. Нападот се темелеше на брзи влезови, позиционирана креативност и искористување на крилните зони. Одбраната беше компактна и фокусирана на позиционирање и затворање на линиите, наместо на агресивен пресинг. Против посилни противници, Спалети адаптираше структура вклучувајќи потиснат среден ред или дополнителен дефанзивец, за да ја зачува рамнотежата. Резултатот беше тим што контролираше средина, креираше просторни прилики преку движечки и брзи играчи и остануваше опасен во нападот, додека ја одржуваше формациската дисциплина.

ЗЕНИТ (2009–2014)
Во Русија, кај Зенит, Спалети ја прилагоди филофзијата за тим со повисоки ресурси и амбиции, комбинирајќи игра со посед на топка, брзи транзиции и офанзивен менталитет. Тактички најчесто користеше 4‑2‑3‑1 или 4‑3‑3: дефанзивата ја држеше формацијата, средниот ред создаваше рамка за продори и креативност, а нападот експлоатираше брзина и позициони делови зад противничките линии. Спалети инсистираше на контрола на средината, добро организирана одбрана и офанзива преку ширина, крилни акции и инверзии.

Во пресинг фазата тимот беше дисциплиниран и брзо се реорганизираше по изгубена топка, со играчи обучени да читаат и експлоатираат просторот. Овој период го потврди Спалети како тренер кој не само ја насочува офанзивата, туку и ја одржува дефанзивната рамка.

ИНТЕР (2017–2019)
Во Интер, Спалети пристапи кон трансформација на тим со висок потенцијал кој бараше структурирање. Тој применуваше 4‑2‑3‑1 и 4‑3‑3, со цел да зголеми интензитетот, агресивноста и динамиката. Крилата и напаѓачите добиваа повеќе слобода да трчаат зад линијата на противникот и да користат слободни простори. Одбраната и средниот ред добија поактивни улоги: средниот ред мораше да учествува во враќање, олеснување на транзициите и помош во изградба. Клучен аспект беше прилагодувањето на системот „во лет“ според противникот. Против агресивен ривал тимот играше постабилно, а при предност повеќе офанзивно. Балансирањето меѓу посед и контра‑напади и искористувањето на индивидуалните квалитети на играчите беа централни за тактиката.

НАПОЛИ (2021–2023)
Во Наполи, Спалети ја исполни можеби најчистата тактичка визија и го одведе клубот до третата титула. Стилот беше дефиниран и модернизиран. Чести формации 4‑2‑3‑1 и 4‑3‑3, но со нагласок на „просторот, не само на системот“. Во фаза на посед, Наполи практикуваше контролирано поседување со висок процент и многу кратки пасови. Ширината се користеше активно, односно одбранбените играчи се движeа кон центарот, додека бековите напредуваа и создаваа преклопувања на крилата. Во транзиции и пресинг, тимот веднаш по изгубена топка се обидуваше да ја врати, со високи линии на пресинг и брза реорганизација во mid‑block при потреба. Во изградба и напад, задната линија и средниот ред често создаваа структура 2‑4‑4 за стабилност и за брзо појачување на бројот на играчи во офанзива. Спалети нагласуваше дека „системите веќе не постојат – тоа е прашање на просторот што го остава противникот“. Резултатот беше нападен, контролиран и динамичен Наполи, со силен фокус на позиционирање, брзи комбинации, користење на крилата и висока агресивност во пресингот.

Извор: https://www.chinadailyhk.com

Спалети селектор на италијанската репрезентација

Откако ја презеде репрезентацијата на Италија, Лучијано Спалети веднаш започна трансформација на идентитетот на тимот – од класичен дефанзивен стил кон пофлуиден, модерен фудбал со поголема контрола и агресија. Тактички најчесто ротираше меѓу 4‑3‑3 и 3‑5‑2, зависно од профилот на играчите и од карактеристиките на противникот. Во 4‑3‑3 Италија играше со високи бекови и силен пресинг, додека во 3‑5‑2 Спалети бараше поголема стабилност во средината и брзи премини од одбрана во напад. Средниот ред остана клучен сегмент – играчи како Барела, Жоржинјо и Фратези ја диктираа играта, додека крилните бекови (Ди Лоренцо, Димарко) ја растегнуваа одбраната и создаваа ширина.

Карактеристични беа агресивниот пресинг, вертикалните додавања и постојаното барање простор меѓу линиите. Италија под „палката“ на Спалети не секогаш беше ефективна, но имаше јасен правец: обединување на традиционалната дефанзивна цврстина со проактивна, модерна визија.

Резултатите, сепак, не ги следеа очекувањата. Италија често имаше проблеми со ефикасноста, тешко создаваше шанси против затворени системи и немаше конзистентна офанзивна структура во клучни натпревари. Неуспеси во квалификациите и слаб старт на новиот циклус предизвикаа голем притисок од јавноста и медиумите. По серија незадоволителни натпревари, во квалификациите за Светското првенство, федерацијата го отпушти Спалети во 2025 година, со образложение дека „резултатите и динамиката во тимот не се во согласност со очекувањата“. И покрај тоа, периодот на Спалети ќе остане запаметен по обидот да ја модернизира Италија преку позициона игра, висока линија и брз пресинг.

Дали Спалети е вистинското име за Јувентус?

Кога Јувентус го ангажираше Лучијано Спалети, клубот доби тренер со јасна филозофија: динамичен фудбал, брзи транзиции, користење простор и флексибилни формации. Клучното прашање е дали таа филозофија ќе се вклопи во Јувентус – со моменталните играчи, со очекувањата и со амбициите на клубот.

Формација и стил Спалети најчесто користеше 4‑3‑3 и 4‑2‑3‑1, а повремено и 3‑5‑2/3‑4‑2‑1 кога бара стабилност. Тој инсистира на користење крилни бекови, двоен или варијабилен среден ред и напаѓачи кои можат да се движат и да учествуваат во комбинација. Во контекстот на Јувентус, прашањето е дали ќе продолжи со 3‑задни варијанти од репрезентацијата или ќе се врати на по‑честа 4‑3‑3 формација, прилагодена на карактеристиките на располагачкиот ростер. Многу зависи од тоа дали бековите и дефанзивците на Јувентус се подготвени за високо напредување и игра со голема ширина.
Кои играчи ќе профитираат?

Пјер Калулу (доколку се користи како десен бек/полу‑бек), Франциско Консисао и Опенда можат да добијат простор и слобода за трчање зад линијата на противникот. Технички и борбени средни играчи како Турам и Локатели ќе најдат простор во системот на Спалети, кој бара играчи кои знаат да комбинираат и да притискаат.

Кои играчи ќе имаат потешкотии?

Бекови кои не сакаат да напредуваат или немаат брзина за повратно трчање ќе бидат под притисок. Типични „статични деветки“ кои не сакаат да трчаат зад линијата или да учествуваат во комбинација можеби ќе се чувствуваат ограничено.

Вклопување во Јувентус

Јувентус е во трансформација: тимот има квалитет, но и слабости – особено во дефанзивата и креативниот дел од средниот ред. Ангажманот на Спалети значи дека клубот сака стилска промена, не само смена на тренер. Ако Спалети успее да ги подобри бековите, да ја оживее креативноста и да воведе трчања и слободни позиции, тој може да се покаже како вистинско име. Ако ниту тој не се прилагоди на составот, ниту составот на неговата филозофија – ризикот е голем. Спалети бара дисциплина, доследност и подигање на квалитетот – тоа ќе биде пресудниот тест.

Влаховиќ и Јилдиз под Спалети – Каква улога може да имаат?

Влаховиќ е класичен централен напаѓач – силен физички и со добро голгетерско чувство, кој најдобро функционира во директни и вертикални системи. Во систем на Спалети, кој бара мобилност, трчања зад линијата и вклученост во комбинација.

Варијанти:
4‑3‑3/4‑3‑2‑1: Влаховиќ може да игра како класична „9‑ка“, додека крилата и бековите обезбедуваат ширина и инверзии. Ако ја прифати мобилноста и комбинирачката игра, може да остане клучен напаѓач.
3‑5‑2: Во овој систем Влаховиќ може да игра со подвижен партнер, добивајќи повеќе слобода за движење, додека неговата игра со грб кон голот и физичката доминација остануваат важни.
Одлуката за продажба или наоѓање решение за неговиот договр што истекува на лето, ќе зависи од проценката на тренерот и клубот за способноста на Влаховиќ да се адаптира. Ако прифати новата улога, Спалети може да го направи централен елемент на нападот; ако не – е можно трансфер во јануари.

Јилдиз е креативен крилен/офанзивен среден со преференција за слободни позиции и вертикални пробивања. Во системот на Спалети, каде крилата се движат и комбинираат, Јилдиз може да добие простор за трчање и создавање шанси за Влаховиќ и другите напаѓачи. Тој добро се вклопува како инвертирано крило или офанзивен полу‑бек и е еден од кандидатите што може да оживее во системот на Спалети.

Горан Талевски за Спортска Станица
Горан Талевски за Спортска Станица

Што може да очекуваме?

Јувентус помина низ долга фаза на нестабилност, финансиски проблеми, кадровски промени и низа тренерски експерименти што го поткопа континуитетот и перформансите на тимот. Доведувањето на Лучијано Спалети носи јасна тактичка визија, но успехот ќе зависи од тоа колку брзо и во која мера тимот и поединечните играчи ќе се прилагодат на неговиот стил, како и од поддршката во трансфер‑полето и стабилноста во раководствотото.

Кратко и јасно: Доколку Јувентус обезбеди соодветен ростер, истрајност и организациона поддршка, Спалети може да го врати тимот кон конкурентност во Серија А и во Европа. Доколку не – ризикот за уште една дисонантна сезона останува реален.

Следете нè: Facebook | Instagram | X 

Гостинска статија на Горан Талевски

Можеби ќе те интересира...

Поврзано

Тазе објавено