10.8 C
Skopje

Кафе и спорт: моќната врска меѓу енергијата, умот и движењето

Објавено:

Аромата на свежо кафе е утринскиот ритуал на милиони луѓе, но за спортистите, професионални и рекреативци, тоа е нешто повеќе од задоволство. Тоа е гориво, стимуланс, ритуал на фокус и издржливост. Денес, науката потврдува нешто што атлетите го чувствувале со векови: кафето не е само пијалак, туку и моќен сојузник на телото.

За да дознаеме нешто повеќе за кафето и неговите својства, се упативме во Su Roastery, место каде се негува вистинска кафе култура, но и се разбира кафето на едно подлабоко ниво. Ние разговаравме со сопствениците Ерол и Ерхан, кои и самите се големи вљубеници во спортот, па ова беше одлична можност за поврзување на нашата и нивна пасија.

Интересно, Roastery е првиот македонски бренд на “specialty” кафе, кое сопствениците го печат самите по сопствени рецепти за потребите на своите локали во Охрид и Скопје. Во нивниот модерен локал во Дајмонд Мол, можете дури и да видите дел од магијата на печење на кафето, бидејќи печката се наоѓа во срцето на локалот, како дел од целокупниот концепт да се донесе кафе културата поблиску до љубителите на овој пијалок.

Па, ве покануваме да прочитате нешто повеќе за оваа неочекувана, но многу моќна врска меѓу кафето и спортот.

Од забранета супстанца до научно признат сојузник

Интересно, иако кафето денес е нераскинлив дел од рутината на спортистите, тоа не било отсекогаш така. Во минатото, кафето често било гледано со сомнеж. Во 1980-тите, Светската антидопинг агенција (WADA) го вклучи кофеинот на својата листа на забранети супстанци, бидејќи неговите ефекти врз издржливоста и концентрацијата беа очигледни. Истражувањата покажуваа дека кофеинот може да ја подобри физичката изведба за 2 до 4 проценти – разлика што во професионален спорт може да значи победа или пораз.

Но, како што науката напредуваше, и перцепцијата се менуваше. Денес кофеинот е легален, а кафето е дел од секојдневните тренинг-програми на спортисти ширум светот. Од маратонците во Бостон, до велосипедистите на Тур де Франс, до фудбалерите кои го започнуваат секој тренинг со еспресо, кафето стана дозволен вид на „додаток“ пред секој тренинг.

Науката зад ефектот

„Токму зад науката се кријат одговорите за ефектите на кафето во спортот. Како што секое растение има одбрамбен систем за да се одбрани во природата од штетници, паразити и околината, така и кафето создава ‘отров’ со кој се штити. Понекогаш тие природни отрови од различните растенија влијаат негативно, понекогаш неутрално, односно немаат ефект, а понекогаш делуваат позитивно. И тоа е случајот со кофеинот, кој има позитивен ефект врз нашиот организам“, ни раскажува Ерол.

Главната активна состојка во кафето, кофеинот, е природен стимуланс кој делува на централниот нервен систем. Тој ја блокира супстанцата аденозин, која го предизвикува чувството на замор, овозможувајќи му на телото да продолжи да работи со повисок интензитет подолго време.

Copyright: Su Holding

Покрај тоа, кофеинот ја зголемува мобилизацијата на маснотиите како извор на енергија, ја подобрува концентрацијата и времето на реакција, го стабилизира расположението и ја намалува перцепцијата на замор.

Истражувања покажуваат дека доза од 3 до 6 mg кофеин по килограм телесна тежина може да ја подобри издржливоста и експлозивноста без негативни ефекти. Затоа, едно класично еспресо, со 80–100 mg кофеин, е природен и безбеден избор за спортисти кои сакаат резултат без синтетички додатоци.

„За да се искористат најмногу позитивните својства на кафето, тоа треба да се консумира кога е свежо печено, па затоа ние и не печеме големи количини, туку печеме кафе во почести интервали. Тогаш бенефитите од кафето се најголеми“, вели Ерхан.

Copyright: Su Holding

Кофеинот во Арабиката: Совршена состојка за дополнителна енергија

Не е секое кафе исто. Денес знаеме дека Арабика, сортата која расте на високи надморски височини и има побавен, поконтролиран раст, е најчистата форма на кафе што човек може да ја внесе пред физичка активност.

Арабиката содржи помалку кофеин (околу 1,2%) од Робуста (2,2%), но има побалансиран профил на антиоксиданси, полифеноли и масла кои го поттикнуваат метаболизмот на природен начин. За спортистите, тоа значи постабилна енергија, без нагли скокови и падови на пулсот или концентрацијата.

Научниците денес се согласуваат дека кофеинот од Арабиката е во природна рамнотежа со нутриентите што му помагаат на телото да ја апсорбира енергијата поефикасно.

„Јачината на тој ‘отров’ кој го лачи растението во природата, зависи од позицијата, условите, почвата каде расте… и од многу други фактори. Па, затоа секое кафе има свои својства, а кофеинот од Арабиката се смета дека е со најчиста форма и најмногу одговара за перформансите на човечкото тело“, ни објасни Ерол.

Од античка Етиопија до модерните спортски терени

Историјата на кафето започнува во Етиопија, каде според легендата, овчарот Калди забележал дека неговите кози стануваат невообичаено енергични по јадење зрна од едно непознато растение. Таа енергија на природата, откриена случајно, подоцна стана културен и спортски симбол.

Во 19 и 20 век, кафе пиеја олимписки атлети, велосипедисти и фудбалери пред натпревари. Денес, спортските нутриционисти ги преферираат природните извори на кофеин токму поради сложената синергија меѓу енергијата, антиоксидансите и хидратацијата.

Кафето и менталниот фокус

Покрај физичките ефекти, кафето има и ментална димензија. Повеќе студии покажуваат дека кофеинот ја подобрува будноста, когнитивните функции и менталната издржливост, особено во спортови што бараат долготрајна концентрација, како трчање, голф, тенис или авто-мото спорт.

Не е случајно што возачите на Формула 1, фудбалерите на највисоко ниво и олимписките атлети имаат своја „кафе-рутина“ пред натпревар, не само за енергија, туку и за фокус.

Современа филозофија: кафе како ритуал на рамнотежа

Во ерата на суплементи и синтетички стимуланси, кафето останува природен симбол на рамнотежа меѓу умот и телото, брзината и контролата. За спортистите, тоа не е само прашање на резултат, туку и на ритуал, мирис и момент на концентрација.

Како што велат нутриционистите: „Добро кафе пред тренинг не е магија, тоа е биологија што мириса прекрасно“.

Славните спортисти и кафето

Кафето е еден од омилените пијалоци на славните спортисти. Англискиот фудбалер Џејмс Варди е познат по тоа што пие по две дупли еспреса пред секој тренинг или натпревар. Федерер е исто така познат љубител на кафето, па дури и го имаме гледано во реклами за кафе. На листата на славни фанови кои ги има кафето меѓу спортистите, се наоѓаат и кошаркарот Никола Јокиќ, пливачот Мајкл Фелпс, Ф1 возачот Луис Хамилтон…

Copyright: Su Roastery
Извор: https://www.shortlist.com
Извор: https://www.dailymail.co.uk
Извор: https://www.fourfourtwo.com

Како големи љубители на кафето, огромно задоволство ни претставуваше истражувањето за оваа статија, па би сакале да изразиме особена благодарност до Su Roastery за деталното објаснување на својствата на кафето, кое иако многумина го пијат на дневна основа, сепак малкумина ги знаат неговите вистински благодети. Па, ако сакате и вие да пробате навистина вкусно кафе, посетете ги во Su Roastery во Дајмонд Мол, Su Hotel во Охрид или Roastery Artisan Coffee House/Liquid во Стариот град на Охрид.

Следете нè: Facebook | Instagram | X 

Можеби ќе те интересира...

Поврзано

Тазе објавено