Како „Crash Bandicoot“ го спречи Зе Роберто да успее во Реал Мадрид?

 

Објавено:

Легендарниот бразилски фудбалер Зе Роберто (51), познат по својата импресивна кариера и неверојатната физичка форма дури и во пензионерските денови, во едно неодамнешно интервју за бразилскиот портал „Ге Глобо“ сподели урнебесна, но и искрена исповед за неговиот неуспешен престој во Реал Мадрид на почетокот од кариерата.

Бразилецот пристигна на „Сантијаго Бернабеу“ во 1997 година како огромен талент, но одигра само 21 натпревар во една година, пред да замине. Причината? Како што самиот признава: премногу хормони, нова видео-игра и недостаток на дисциплина.

„Беше многу тешко да се асимилирам. Видео-игрите многу ми пречеа бидејќи бев ‘млад петел’ од 21 година. И мојата сопруга беше многу млада, имаше 18-19 години. Еден од моите соништа, освен да станам играч и да купам автомобил, беше да имам Плејстејшн. И го купивме. Како штотуку венчани, бевме како зајаци. Водевме љубов по цел ден, а навечер играв видео-игри. Целосно ги изгубив перформансите, доаѓав на тренинг со огромни подочници,“ раскажува низ смеа Зе Роберто.

Главниот „виновник“ за непроспиените ноќи била култната игра „Креш Бандикот“ (Crash Bandicoot).

„Тоа беше единствениот период во кариерата кога излегов од физичка форма, бидејќи играта ми создаваше голем стрес. Сакав да ја свртам (да ја поминам целата) и не можев. Потоа огладнував среде ноќ. Јадев многу бисквити, грицки, пиев газирани сокови… Почнав да качувам килограми без да забележам,“ додава поранешниот фудбалер.

За среќа, неуспехот во Реал Мадрид беше лекција која му ја промени кариерата. По кратката позајмица во Фламенго, тој се врати во Европа и стана вистински пример за професионализам. Одигра фантастични 14 години во Германија за Баер Леверкузен, Баерн Минхен и Хамбургер, пред да се врати во Бразил и да ја заврши кариерата дури на 43-годишна возраст во дресот на Палмеирас.

Денес, Зе Роберто е фитнес-фрик и ментор на млади играчи, но неговата приказна за мадридските денови останува како култно потсетување дека дури и најдобрите можат да паднат на испитот пред шармот на „Креш Бандикот“.


Следете нè: Facebook | Instagram | X

 

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

 
 

Тазе објавено