Тој е лидерот на новата генерација, најдобриот ракометар во изборот на РФМ за минатата сезона и миленикот на битолската публика. Филип Кузмановски во искрено интервју за Ракометната федерација ги отвора картите пред големиот предизвик во Данска, зборувајќи за одговорноста, „Фалангата“ и патот од младинец до предводник на тимот.
Научено од легендите, применето на терен
Кузмановски со гордост истакнува дека неговото лидерство е обликувано од најдобрите. Искуството поминато покрај Лазаров, Стоилов и Миркуловски за него е непроценливо училиште.
„Имав чест да бидам околу легенди од кои многу научив. На терен сум мотивиран и борбен, а надвор од него сум другар за секого. За мене репрезентацијата е како семејство“, вели популарниот Фитиљ.
Како клучни моменти кои го формирале како играч и лидер, тој ги издвојува дебито во Полска против Франција, но и култниот натпревар со Фарски Острови, каде покажа храброст и „инает“ за големи победи.
Еурофарм Пелистер како отскочна даска за самодоверба
Враќањето во македонскиот шампион се покажа како вистински потег за формата на Кузмановски. Признанијата за најдобар спортист на Битола и ракометар на сезоната му даваат дополнителен мотив.
„Еурофарм Пелистер ме направи подобар играч за Македонија. Кога имаш доверба од тренерот и во клубот и во репрезентацијата, тогаш едноставно ‘леташ’ по теренот. Тие индивидуални награди се мотивација, но тимските се секогаш послатки“.

Предизвикот Данска и ветената борба до последна секунда
Иако Македонија се наоѓа во исклучително силна група со Данска, Португалија и Романија, капитенот не признава предавање. За него, дуелот со светскиот шампион Данска на нивен терен е најголемиот можен предизвик.
„Данска доминира со години, но тоа е одличен предизвик за нас. Одиме да се надигруваме. Не сакам да ветувам резултати, но гарантирам дека овој тим, играчите, стручниот штаб и медицинскиот тим, ќе се бориме до последна секунда. Имаме страшна хемија и големо другарство“.
Порака до помладите: Уживајте во моментот!
Како капитен, Кузмановски има посебен совет за дебитантите кои првпат ќе го облечат репрезентативниот дрес на големо првенство.
„Им порачувам да уживаат, бидејќи првиот пат е само еднаш. Нека се ослободат од притисокот за да имаат убав спомен од првиот гол или одбрана. Тежината на дресот ќе ја сфатат малку подоцна“.
За Кузмановски, „Фалангата“ ќе биде осмиот играч во Данска, а неговата единствена желба е Македонија да биде горда на борбеноста на оваа генерација.



