Тренерот на Интер, Кристијан Киву, не бараше изговори во вештачката трева или судиите по поразот од 1-2 на „Сан Сиро“. Тој спортски му ја честиташе победата на Бодо/Глимт, но истовремено упати и самокритика за тоа како неговиот тим изгледаше во овие два натпревари од плеј-офот во Лигата на шампионите.
Пропуштените шанси и „челичната“ одбрана на гостите
Киву истакна дека Интер се обидел да нападне од самиот старт, но дека отсуството на Хакан Чалханоглу и Лаутаро Мартинез бил преголем хендикеп во завршницата. „Пробавме сè уште од првата минута. Игравме против тим кој беше извонредно организиран, со 10-11 играчи зад топката. Веројатно тоа што не постигнавме гол во првиот дел им даде дополнителна психолошка самодоверба“, изјави Киву за „Sky Sport Italia“.
Тој додаде дека токму неефикасноста ги чинела скапо: „На ова ниво, ако не ги користите шансите и не ги донесете вистинските одлуки, ќе бидете казнети при првата грешка“.
Уморот како пресуден фактор
Една од главните поенти на Киву беше свежината на противникот. Додека Интер игра во пеколен ритам во Серија А и Купот на Италија, Бодо/Глимт во последните три месеци игра само натпревари во Лигата на шампионите поради паузата во норвешкото првенство.
„Не можам да им замерам ништо на моите играчи, тие дадоа сè што имаа. Но, во второто полувреме Бодо имаше многу повеќе енергија од нас. Тешко е да се најде свежина кога играте на секои три дена, додека тие играа само четири натпревари во последните три месеци. Има големо разочарување, бидејќи сакавме да бидеме конкурентни во Европа, но овојпат не успеавме во тоа“, потенцираше тренерот на Интер.
Фокус на домашното првенство
Иако европската авантура заврши прерано, Киву порача дека тимот мора веднаш да го сврти листот. Интер е убедлив лидер во Серија А со 10 бода предност, а го чека и полуфиналето во Купот против Комо.
„Нашата цел беше да бидеме конкурентни, тоа секогаш го велевме. За жал, во Лигата на шампионите потфрливме. Мораме да им оддадеме признание на противниците за тоа што го постигнаа и да продолжиме понатаму. Сега фокусот е целосно на домашните цели“, заклучи Киву.



