Дали некогаш сте се запрашале што значи вистинска пасија кон фудбалот? Еве еден пример од деветтата италијанска лига (Трета категорија, регион Лоди) кој буквално изгледа како сценарио за комедија.
Матео Чичери, тренер на екипата Унион Мулацано, имал забрана да го води својот тим поради претходна суспензија. Но, тоа воопшто не го спречило да ја исполни својата должност.
За да не биде препознаен, тој одлучил да дојде на натпреварот против Галгањано преправен во католички свештеник! Облечен во мантија, тренерот-свештеник се качил на скала веднаш до оградата од теренот и од таму им делел тактички совети на своите фудбалери.
До тука приказната е само урнебесна, но набрзо преминала во тотален хаос. Според официјалниот извештај на Дисциплинската комисија:
„Во 82. минута, откако противничкиот тим постигна гол, тренерот облечен во мантија влезе на теренот и удри со нога противнички играч. Десетина минути подоцна, кога неговиот тим израмни, тој повторно влета на теренот за да слави со своите играчи и да ги навредува противниците.“
Епилогот на оваа бизарна „божја мисија“ е дополнителна суспензија од четири месеци за нескротливиот тренер, додека претседателот на клубот доби двомесечна суспензија и казна од 500 евра.
Како што велат во Италија, капата (односно мантијата) не го прави монахот.



