Хаосот во ФК Вардар добива целосно нов, драматичен епилог. По синоќешниот итен и отворен состанок на кој присуствуваа сите подгрупи, навивачката група „Комити“ донесе едногласна одлука за целосен бојкот на сите натпревари на фудбалскиот клуб, кој ќе трае сè додека актуелното раководство на чело со Миленко Неделковски не поднесе оставка и не си замине од клубот.
Чашата е прелиена: Аматеризам, примитивизам и физички напади
Револтот кај навивачите кои со години го носат клубот на грбот веќе не може да се сокрие со новински соопштенија или со носење звучни тренерски имиња. Во своето официјално соопштение, Комитите без влакна на јазиците ги посочија виновниците за моменталната состојба, истакнувајќи дека причините за бојкотот се длабоки и насочени кон катастрофалните управувачки одлуки на секое поле.
Како последна капка што ја прели чашата беше наведен срамниот однос кон навивачите и помладите категории, кој кулминираше на последниот натпревар кога приватното обезбедување на управата, по наредба на Неделковски, се дрзна физички да ги нападне децата од групата и клубот. Навивачите порачуваат дека таков чин на примитивизам никогаш повеќе нема да се повтори.
Последна проверка на трибините против Арсими, па целосен фокус на ракометот
Иако бојкотот стапува на сила, навивачите најавија масовно присуство на претстојниот натпревар во понеделник од 19:00 часот на стадионот на ФФМ против екипата на Арсими, но со јасна цел.
„Ќе присуствуваме за последен пат, првично за да ја покажеме нашата солидарност со младите Вардарци, и за да изразиме огромен револт против најсрамната управа во целата историја на ФК Вардар“, стои во соопштението на Комитите.
Собирот е закажан за во 18:15 часот на последна 5-ка во Ново Лисиче, откаде во 18:45 часот организирано ќе се тргне кон стадионот. Притоа, упатен е и строг предупредувачки апел: преглед на влезот ќе смее да врши исклучиво полицијата, а доколку се појави приватното обезбедување кое предизвика револт, одговорноста и последиците ќе бидат целосно на нивна сметка.
По овој меч, фокусот на најверните фанови целосно се префрла на ракометниот клуб РК Вардар, за што дополнително ќе информираат, додека фудбалскиот клуб останува во целосна изолација од своите симпатизери сè до заминувањето на сегашната структура.



