Тренерот на Наполи, Антонио Конте, не го криеше разочарувањето по поразот од Болоња (2-3), кој дојде во моменти кога целиот Неапол се подготвуваше за прослава на пласманот во елитата. Иако неговиот тим покажа карактер и се врати од 0-2, примениот гол во судиското продолжение ја одложи промоцијата во Лигата на шампионите и ја зовре ситуацијата на табелата.
Во својата препознатлива директна анализа, Конте посочи дека проблемите во почетниот пристап на натпреварите почнуваат да стануваат загрижувачка навика за тимот.
„Ако не можеш да победиш – не губи!“
„Кога правите пресинг, мора да го правите тоа како што треба. Ако го правите на половина пат, тогаш само трчате во празно. Ова не е првпат сезонава да губиме со 2-0 на почетокот, а тоа значи дека не е случајност. Очигледно ни треба поголема одлучност во почетниот пристап“, изјави Конте за „DAZN Italia“.
Италијанскиот стратег смета дека неговиот тим не заслужил да ги загуби сите три бода, со оглед на доминацијата во вториот дел, но ја истакна старата фудбалска лекција која овојпат неговите играчи ја заборавија.
„Успеавме да го вратиме мечот во егал, притискавме силно за победа, но моето правило е јасно: ако не можеш да победиш, тогаш барем потруди се да не загубиш. Не мислам дека заслужувавме пораз, но вакви работи се случуваат во фудбалот. Сега мораме да ги наполниме батериите и да го завршиме она што го почнавме во последните две кола“.
Поддршка за младите сили: Хојлунд и Алисон Сантош
Наполи во овој финиш на сезоната се потпира на мал број играчи поради повредите. Расмус Хојлунд, кој често беше критикуван по трансферот од Јунајтед, денес ја има целосната доверба на Конте иако често паѓа во офсајд замките.
„Да не заборавиме, тој е единствениот напаѓач што го имаме во моментов и игра постојано. Би сакал да имав шанса да го одморам. Тој има само 23 години, работи напорно и има огромен простор за напредок“, објасни Конте.
Сериозни пофалби доби и Алисон Сантош, кој со својата брзина и дриблинг сè повеќе потсетува на Квича Кварацкелија. Конте потврди дека младиот Бразилец, кој дојде како анонимец од Спортинг Лисабон, е еден од играчите кои најмногу напредувале под негово водство.
Наполи сега има само два бода предност пред Јувентус и три пред Милан и Рома. Следните две кола за Конте и неговите момци нема да бидат само борба за бодови, туку вистински тест за карактерот на овој нов проект во Неапол.



