Женската сениорска репрезентација на Македонија ја дозна својата судбина во новиот квалификациски циклус за Евробаскет 2027, откако денешната ждрепка во Минхен ја смести во групата “Ф” заедно со селекциите на Грција, Хрватска и Данска.
Нашиот национален тим беше поставен во четвртиот шешир, заедно со Естонија, Кипар, Австрија, Ирска и Азербејџан. Системот на натпреварување предвидува две фази на квалификации, кои ќе се играат во вкупно четири ФИБА прозорци.
Во првата рунда учествуваат 27 селекции, распоредени во шест групи по четири репрезентации и една група со три. Македонија ќе се натпреварува во една од “стандардните” четворки, каде ќе одигра по три натпревари во секој прозорец, од ноември 2025 до март 2026 година, во раунд-робин систем (секој со секого).

Пласман во втората фаза обезбедуваат: победниците на сите групи, второпласираните селекции и трите најдобри третопласирани репрезентации (според резултатите). Тоа се вкупно 17 тима кои ќе преминат во следната рунда.
Најсилните европски селекции, Шпанија, Франција, Италија, Белгија, Германија, Турција, Чешка и Унгарија, нема да учествуваат во оваа прва рунда. Тие ќе играат квалификациски турнири за Светското првенство 2026, а заедно со четирите домаќини на Евробаскет 2027 (Белгија, Финска, Литванија, Шведска) веќе се квалификувани за втората фаза.
Тимовите што ќе бидат елиминирани во првата рунда, ќе се префрлат во претквалификациите за Евробаскет 2029.
Втората квалификациска рунда ќе се игра во ноември 2026 и февруари 2027 и ќе вклучи 24 селекции – 17 од првата рунда, плус 7 од Светското првенство 2026.
Овие репрезентации ќе бидат поделени во 6 групи по 4 екипи, а двете најдобри од секоја група (вкупно 12) ќе обезбедат место на Евробаскетот во 2027, заедно со четирите домаќини.
Македонија се наоѓа во исклучително квалитетна група со традиционално силни репрезентации, но оваа генерација има можност да се наметне и да покаже потенцијал. Првиот прозорец се игра во ноември 2025, а детали за календарот и натпреварите ќе бидат објавени наскоро.


