Кошаркарско Скопје останува сино-бело: Од готово вересија, па победа за МЗТ во лудо дерби!

 

Објавено:

„Како да носи бел, а не црвен дрес Костоски…“ – со оваа реченица коментаторот на МТВ на најдобар можен начин ја опиша ситуацијата во завршницата од синоќешното вечно дерби во „Јане Сандански“.

Во натпревар кој донесе вистинска промоција на македонската кошарка, актуелниот шампион МЗТ Скопје Аеродром славеше над лутиот ривал Работнички со 97:93, но дури по продолжение од пет минути и вистинска драма на паркетот!

Работнички покажа заби, МЗТ се враќаше од минус

Иако МЗТ влезе како голем фаворит, десеткуваниот Работнички покажа карактер. Предводени од фантастичниот Роберт Рикиќ (25 поени, 15 скокови) и капитенот Виктор Ефремовски (27 поени), гостите од „Градски Парк“ имаа дури и двоцифрена предност во првото полувреме (13:24).

Сепак, „штрковите“ полека ја топеа предноста, предводени од Мек Смит (25 поени) и младиот Марин Петков кој одигра маестрална партија (18 поени, 11 асистенции).

Луд финиш и тројката на Ефремовски за продолжение

Вистинската драма се случи во последната минута од регуларниот дел. МЗТ имаше водство од 81:78, но на само 3.6 секунди до крајот, Ефремовски погоди луда тројка од девет метри од табла за 81:81! Мек Смит возврати со кош од половина терен, но снимката покажа дека времето веќе истекло, па натпреварот замина во продолжение.

Од готово вересија во дополнителните 5 минути

Работнички подобро го отвори продолжението и по тројката на Грушановиќ стигна до предност од 88:92. Но, тука гостите застанаа. Клучниот момент се случи на 90 секунди до крајот кога феноменалниот Рикиќ ја заработи петтата лична грешка, оставајќи го Работнички без единствениот вистински центар.

МЗТ експресно го искористи тоа и израмни на 92:92. Во следниот напад, искусниот Александар Костоски целосно непотребно фрли тројка од 9 метри нешто по што е препознатлив низ целата негова кариера (што го предизвика и коментарот на МТВ), а потоа и Ефремовски промаши тежок шут за три.

На спротивната страна, топката дојде во рацете на младиот Марин Петков. Тој изнуди прекршок при шут за три поени на 24 секунди до крајот. Под огромен притисок, Петков беше непогрешлив од линијата за слободни фрлања, носејќи му победа на својот тим од 97:93.

Кошаркарско Скопје барем до следната пресметка останува обоено во сино-бело. МЗТ ја продолжува трката за првото место пред плеј-офот, додека Работнички со овој пораз дефинитивно ги загуби шансите за влез во Топ 6 и го чека тешка битка за опстанок.

Во секој случај, прекрасна кошаркарска претстава пред околу 2.500 гледачи која докажа дека вечното дерби, без разлика на состојбата на табелата, секогаш е празник за очи!


Следете нè: Facebook | Instagram | X

 

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

 
 

Тазе објавено