Она што требаше да биде амбициозен проект со новиот мотор на Хонда, за Астон Мартин се претвори во борба за физички опстанок. Пред претстојното трка за Големата награда на Кина во Шангај, Фернандо Алонсо даде прилично песимистичка изјава, велејќи дека целта на тимот е воопшто да ја извози целата дистанца на трката – доколку болидот му го дозволи тоа.
Мотор кој предизвикува нервни оштетувања?
Ситуацијата во тимот е критична. Главниот дизајнер Адријан Њуи уште во Австралија откри дека вибрациите од новиот V6 хибриден мотор на Хонда се толку силни што не само што ги кршат деловите на шасијата, туку предизвикуваат и здравствени проблеми кај возачите. Алонсо и Строл се пожалија дека рацете им стануваат целосно „дрвени“ по само неколку круга, а тимот стравува од трајни нервни оштетувања кај своите пилоти.
Трка како продолжен тест
Во Мелбурн видовме нешто несекојдневно за Формула 1 – болидите влегуваа во бокс на 20 минути за „подесувања“ и потоа се враќаа на патеката само за да соберат податоци.
„Ние сме на нула. Ни требаат кругови, ни треба пракса за да го најдеме прозорецот на перформанси. Ќе бидам среќен ако во Кина имаме нормални тренинзи и ако ни биде дозволено да ја завршиме трката во недела“, изјави искрениот Алонсо.
Проблеми со батериите: Астон Мартин е „на работ“
Покрај вибрациите, тимот се соочува и со недостиг на батерии. Хонда пристигна во Австралија со четири функционални батерии, но до вториот тренинг останаа само на две. Инженерите од Јапонија работат деноноќно на „противмерки“ за да ги намалат вибрациите, но Ленс Строл призна дека ситуацијата и понатаму е „многу кревка“.
Викендот во Кина е уште покомплициран бидејќи ја носи и првата Спринт трка во сезоната, што значи дополнителен товар за моторот кој едвај издржува дваесетина круга во континуитет.



