Кошаркарскиот свет се подготвува за збогување со еден од најголемите стратези во историјата на оваа игра. Популарниот „Кари“, Светислав Пешиќ, во ексклузивно интервју за германски „Die Zeit“ потврди дека тековната сезона на клупата на Баерн Минхен ќе биде последна во неговата неверојатна кариера.
Иако има 76 години (наскоро 77), Пешиќ прифати уште еден предизвик да му помогне на својот омилен клуб Баерн по заминувањето на Гордон Херберт, но овојпат вели дека одлуката е конечна.
„По оваа сезона, навистина е доста“
Пешиќ, кој во својот кабинет ги има буквално сите можни трофеи, вели дека сака да му се посвети на семејството и да ужива во животот надвор од напорниот кошаркарски ритам.
„Како што пишувам во мојата книга: еднаш тренер – секогаш тренер. Секогаш ќе бидам вклучен во кошарката, ќе држам предавања и слични работи, но не можам повеќе да бидам главен тренер. Знам дека луѓето нема да ми веруваат, но по оваа сезона, навистина е доста. Сакав повеќе време за сопругата Вера, но кога претседателот на Баерн ме побара, не можев да кажам ‘не’. Сакам да го доживеам животот од поинаква перспектива, во мојот Пирот и во Барселона“, искрен е Пешиќ.
Човекот кој освои сè што можеше да се освои
Кариерата на Пешиќ е исполнета со златни медали и историски успеси. Тој е единствениот тренер кој освоил златни медали на Евробаскет со две различни репрезентации (Германија 1993 и Југославија 2001). Беше светски шампион со Југославија во Индијанаполис (2002), а во поновата историја ја предводеше Србија до сребро на Мундијалот во 2023 и бронза на Олимписките игри во Париз 2024.
На клупски план, тој ја донесе првата титула во Евролигата за Барселона во 2003 година, а има освојувано бројни трофеи во Шпанија, Германија и поранешна Југославија, вклучувајќи ги и Купот Радивој Кораќ и Еврокупот.
Последна мисија со македонскиот „дијамант“ Нено Димитријевиќ
Своите последни тренерски денови Пешиќ ги поминува работејќи со најдобриот македонски кошаркар, Ненад Димитријевиќ. Нашиот Нено е еден од клучните играчи во неговиот состав во Баерн Минхен, а работата со стратег од калибарот на Пешиќ е непроценливо искуство за македонскиот плејмејкер пред пензионирањето на легендата.
Светот можеби не верува дека Пешиќ ќе застане, но по речиси четири децении на врвот, „Кари“ реши дека е време за последен поздрав од паркетот.



