Само една година по најконтроверзниот потег во историјата на Далас Маверикс, трејдот на нивната икона Лука Дончиќ, тимот од Тексас дефинитивно призна порано отколку што се очекуваше: експериментот наречен „Ентони Дејвис“ е целосен неуспех.
Во зделка која изненади многумина во НБА круговите, Далас го испрати Дејвис во Вашингтон Визардс како дел од сложен мулти-пакет. Овој потег не е само обична размена на играчи; тоа е официјален почеток на една нова, „пост-Лука“ ера во Далас, овојпат изградена околу младиот феномен Купер Флег.
Вашингтон гради „челичен триаголник“ во одбраната
Додека Далас чисти простор, Вашингтон Визардс јасно покажуваат дека сакаат да станат најтешкиот тим за постигнување кошеви на Истокот. Со доаѓањето на Дејвис, тие планираат да го спојат ветеранот со младите сили Алекс Сар и Билал Кулибали.
Овој дефанзивен триаголник треба да биде „ноќен кошмар“ за противничките напади, користејќи ја својата должина и способност да ги преземаат сите позиции. Ваквата стратегија е клучна за тимот, особено за да се компензираат дефанзивните слабости на нивната друга голема ѕвезда, Тре Јанг. Иако Дејвис моментално се опоравува од повреда на раката, Вашингтон е подготвен да го чека, верувајќи дека неговото присуство ќе им даде потребен менторски авторитет на младите таленти како Буб Карингтон и Тре Џонсон.
Цената на „стаклениот“ Ентони Дејвис
За Далас, разделбата со Дејвис беше неминовна поради неговата неспособност да остане на теренот. Во својата едногодишна авантура во Тексас, тој претрпе четири сериозни повреди – од абдоминални проблеми до операција на окото.
Статистиката беше немилосрдна: со него на терен Далас имаше позитивен скор (16-13), но без него тимот потонуваше со катастрофални 16-38. Токму овој дисбаланс и „стаклените нозе“ на Дејвис беа главната причина за отказот на поранешниот генерален менаџер Нико Харисон. Со неговото заминување, Далас не само што се ослободи од огромен договор од 58 милиони долари, туку и конечно почна да го полни својот празен „магацин“ со пикови на драфтот.
Што добива Далас за возврат?
Наместо една ѕвезда која често е на листата на повредени, Маверикс сега добиваат длабочина и искуство. Крис Мидлтон пристигнува како лидер кој треба да му помага на младиот Флег, додека играчи како Марвин Бегли III и Малаки Бранам ќе го освежат ростерот.
Клучниот дел за Маверикс сепак лежи во „амуницијата“ за иднината, a пакетот од пет пикови (вклучувајќи и два од првата рунда) е токму она што му беше потребно на тимот за да започне здрава реизградба.



