Крај на ерата на Модриќ во Реал Мадрид, Лука има нов дом!

Објавено:

Хрватскиот фудбалски ас и еден од најдобрите играчи во Реал Мадрид, после завршувањето на ФИФА Светското клупско првенство ќе се пресели во нов клуб.

Како што пишува Фабрицио Романо, веќе е постигнат устен договор меѓу Лука Модриќ и Милан, а се чека после завршувањето на турнирот во САД Лука да пристигне во Милано за лекарските прегледи и официјализирање на договорот.

Ова ќе биде ново поглавје во славната кариера на хрватскиот капитен, кој имаше повеќе од успешна кариера со “Кралевите” со кои освои пет титули во Лигата на шампионите и четири во Ла Лига, а го подигна трофејот и два пати на Копа дел Реј, четири пати на Суперкупот во Шпанија и четири пати на Суперкупот на УЕФА.

Но, неговото наследство во Реал е многу повеќе од само светкави титули. Уште од неговото пристигнување во Реал Мадрид во 2012 година, Модриќ беше еден од клучните креатори на играта.

Тој стана срцето на средниот ред и фудбалер кој не бараше слава за да добие почит. Неговата ненадминлива способност да ја контролира топката, ласерски прецизните додавања и елегантни фудбалски потези, го направија да биде моторот кој го движеше клубот кон една од најтрофејните декади од неговото постоење.

Во ера кога доминираа темпото и физичката сила, Лука Модриќ покажа дека интелигенцијата, прецизноста и ритамот можат да ги демонтираат и најдобрите одбрани во светот. Неговото партнерство во средниот ред со Тони Крос и Каземиро стана легендарно — совршен спој на рамнотежа, борбеност и уметност.

На индивидуално ниво, неговиот најголем момент дојде во 2018 година, кога ја прекина децениската доминација на Меси и Роналдо, освојувајќи ја “Златната топка” откако ја одведе Хрватска до финалето на Светското првенство и повторно го предводеше Реал Мадрид до европска титула.

И додека годините минуваа, а пристигнуваа нови млади ѕвезди, влијанието на Модриќ никогаш не избледе. Неговата работна етика, професионалност и љубовта кон играта го направија незаменлив дел од плановите на Мадрид и во доцните 30-ти години од животот. Малкумина го носеле легендарниот бел “кралски” дрес со толку многу скромност и брилијантност.

Лука Модриќ во Реал Мадрид е повеќе од кариера — тоа е лекција за истрајност, елеганција и убавината на едноставноста во фудбалот.

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

Тазе објавено