Сезоната во ски скокови за 2025/26 заврши со вистински спектакл и море од емоции пред повеќе од 26.000 фанови на култната леталница во Планица.
Норвежанецот Мариус Линдвик се погрижи за мало изненадување на самиот крај, освојувајќи ја првата победа за машкиот тим на Норвешка оваа сезона. Со феноменални летови од 238.5 и 231 метар (вклучувајќи и совршени оценки од 20-ки од сите пет судии за стил), тој стигна до вкупно 459.5 поени и му ја расипа забавата на домашниот херој Домен Превц, кој заврши на второто место (453.9 поени). Подиумот го комплетираше уште еден Норвежанец, Јохан Андре Форфанг.
Крунисување на „Доминацијата“
Иако Домен Превц не успеа да стигне до својата 15-та победа сезонава (со што ќе го израмнеше рекордот на неговиот постар брат Петер од 2015/16), Словенецот нема зошто да тагува. Напротив, тој имаше сезона за во учебниците!
Превц пред домашната публика го подигна малиот Кристален глобус во ски летови, како и престижната титула „Планица 7“. Ова е само круна на неговата брутална сезона, наречена „Доминација“, во која претходно освои две олимписки злата, Големиот кристален глобус, Турнејата на четири скокалници и светската титула во ски летови. Апсолутен владетел на небото!
Солзи, шпалири и збогување со иконите
Сепак, резултатите и глобусите паднаа во втор план кога дојде моментот за збогување. Ски скоковите денеска се простија од двајца вистински великани кои заминуваат во спортска пензија.
Полскиот херој Камил Стох (трикратен олимписки шампион, двократен светски првак и двократен освојувач на Големиот кристален глобус) го изведе својот последен лет. Младите скокачи му направија шпалир од скии, а колегите го кренаа на рамења додека тој не можеше да ги задржи солзите пред громогласниот аплауз од публиката.
„Сакав да останам фокусиран и да го третирам овој викенд како секој нормален во мојата кариера, но кога ги ставав скиите за последен пат, едноставно знаев дека ова е крајот. Среќен сум што бев еден од хероите денеска,“ изјави емотивниот Стох.
Слично испраќање доби и австрискиот ветеран и олимписки шампион Мануел Фетнер, кој по својот последен скок од 230 метри беше пречекан од неговата партнерка Лиса Едер и специјален транспарент во чест на неговата блескава кариера.
Ски скоковите дефинитивно нема да бидат исти без овие две легенди. Фала ви за сите магични летови, момци!



