Крипто-милијарди за „Старата дама“: Tether сака да го купи Јуве, ветија и големи инвестиции

Објавено:

Светот на фудбалот и криптовалутите се судрија во Торино! Tether, компанијата која стои зад најпознатиот „стејблкоин“ (USDT), испрати официјална понуда за купување на италијанскиот гигант Јувентус. Сепак, традицијата (засега) победи пред парите.

Семејството Ањели, кое преку компанијата Exor го поседува клубот веќе еден век, експресно ја одби понудата со јасна порака: „Јувентус не е на продажба!“.

Понуда од која се врти во глава

Според изворите, Tether понудил да го купи целиот удел на Exor (65,4%) по цена од 2,66 евра по акција. Тоа значи дека вредноста на клубот била проценета на околу 1,1 милијарда евра, што е премија од 21% над моменталната пазарна цена.

Но, тоа не е сè. Извршниот директор на Tether, Паоло Ардоино (кој е Италијанец и голем навивач на Јувентус), ветил дополнителна инвестиција од 1 милијарда евра за развој на тимот и враќање на старата слава доколку зделката се реализира.

„Пораснав со овој клуб“

Ардоино не крие дека емоциите играат улога.

„Пораснав со овој тим. Гледајќи го Јувентус научив што значи издржливост и достоинство во победа и пораза, изјави тој, додавајќи дека сака да го поддржи клубот со „стабилен капитал“.

Сепак, Џон Елкан и семејството Ањели остануваат на ставот дека историјата која започна во 1923 година не се продава, иако клубот нема остварено профит речиси една деценија. Tether веќе поседува околу 11,5% од акциите на клубот, што ги прави втор најголем акционер.

Навивачите се поделени, додека едни сонуваат за големи инвестиции, други се скептични кон влезот на крипто-капиталот во фудбалот, стравувајќи од нестабилност.


Следете нè: Facebook | Instagram | X

Можеби ќе те интересира...

Поврзано

Тазе објавено