Иако поразот од 12 разлика не е пријатен, Филип Кузмановски во својата изјава по натпреварот во Хернинг потенцираше дека фокусот на стручниот штаб и на играчите уште од самиот почеток бил ставен на другите два противници во групата.
Лекција научена од Данците
Кузмановски спортски призна дека Данска во моментов е на врвот на светскиот ракомет и е најсериозен кандидат за златниот медал, но посочи дека токму нивниот стил на игра е она што нè очекува и во недела.
„Честитки до Данците за победата. Во грч го отворивме овој меч, но верувам дека против Португалија и Романија ќе бидеме далеку поопуштени. Навистина е тешко да се изненади ваков тим, тие се фаворити за златото. Но, овој натпревар беше само еден добар тест за тоа што нè очекува. И Португалците трчаат брзо како Данците и мораме да одговориме на таа контра“, истакна Кузмановски.
Поправен испит: Техничките грешки мора да се сведени на минимум
Нашиот бек е свесен дека 9-те технички грешки и промашените зицери против Данска не смеат да се повторат доколку сакаме бодови против репрезентации од висок ранг.
„Имавме многу технички грешки и промашени шутеви. Мораме тоа да го поправиме и да го сведеме на минимум ако сакаме да победиме големи репрезентации како Португалија и Романија. Доволно ги анализиравме, добро знаеме од каде доаѓа опасноста. Треба повеќе да веруваме во себе и сигурен сум дека ќе бидеме далеку подобри од вечерва“.
Самореспект за победа в недела
Кузмановски ја заврши својата изјава со оптимистичка порака, најавувајќи дека тимот ќе влезе со поголем самореспект во следните 60 минути на теренот. Македонија веќе в недела во 18:00 часот ќе го одигра клучниот натпревар против Португалија, кој може да ги отвори вратите кон главната рунда.



