Лазаров по Данска: Ги натеравме да играат „7 на 6“, тоа е голем успех за оваа Македонија!

 

Објавено:

Македонија загуби со 36:24, но за селекторот Кирил Лазаров, сликата на теренот не беше толку црна колку што покажува конечниот резултат. Тој истакна дека неговите избраници добро го спровеле подготвениот план, иако почетокот со неколку технички грешки бил фатален против тим кој живее од транзиција.

„Успех е кога светскиот првак мора да тактизира против вас“

Еден од највпечатливите моменти во изјавата на Лазаров беше фактот што Данска, и покрај сите ѕвезди во составот, мораше да користи тактика со седум играчи во нападот за да ја пробие македонската зона.

„Можам да кажам дека сум задоволен од моите момци и како се поставија против една од најсилните светски репрезентации. Данска е Данска, нивното најсилно оружје е транзицијата и полуконтрата. Ние ја натеравме Данска да не напаѓа со ‘7 на 6’, што е голем успех за нас. Со сите врвни бекови што ги имаат, да мораат така да ја напаѓаат Македонија е нешто со што навистина сум задоволен“, истакна Лазаров.

Состојбата со Митревски и Пешевски

Селекторот ја расчисти и дилемата околу отсуството на двајцата најискусни ракометари. Никола Митревски и Жарко Пешевски не беа во составот поради ситни повреди, но Лазаров е оптимист за нивното враќање.

„Митревски и Пешевски имаа ситни проблеми со повреди. Доста разговаравме со медицинскиот штаб и со самите играчи и одлучивме да не ризикуваме. Се надевам дека за овие два дена ќе успееме да ги рехабилитираме и дека со нив в недела ќе бидеме за неколку проценти подобри. Да беа здрави, сигурно ќе беа во составот“.

Рекуперација наместо тренинг

Поради пеколниот ритам на првенството и големата потрошувачка на енергија, Лазаров донесе одлука да го откаже утрешниот тренинг.

„Утре нема да тренираме, момците треба да се одморат. Сакаме што посвежи и што поспремни да ги дочекаме дуелите со Португалија и Романија. Мора да извлечеме поуки и да продолжиме понатаму,“ заврши предводникот на „црвено-жолтите“.

Следете нè: Facebook | Instagram | X

 

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

 
 

Тазе објавено