Кирил Лазаров денес ја носи една од најодговорните улоги во македонскиот спорт – селектор на машката сениорска репрезентација. Во пресрет на Европското првенство во Данска, човекот кој е синоним за македонскиот ракомет зборува за процесот на транзиција, тежината на континуитетот и градењето на нов идентитет.
Менувањето на генерации е најчувствителниот процес
Откако во 2021 година ја презеде селекторската функција, Лазаров помина низ неколку големи натпреварувања, свесен дека патот до успехот со нов тим бара трпение.
„Менувањето на генерација е најтешкиот процес во еден спортски колектив, особено во национален тим. Да се биде константен на големи смотри е остварување за почит. Ние направивме бренд кој е препознатлив и во земјата и надвор од неа. Треба да останеме скромни и да го надоградуваме овој бренд чекор по чекор“, вели Лазаров.
Од лидер на терен до лидер на клупа
Со рекорден број на одиграни првенства како играч, Лазаров денес ја чувствува истата одговорност и од тренерското столче. Тој нагласува дека неговата улога секогаш била да биде продолжена рака на селекторите, а сега тој е оној кој мора да ја постави визијата. За него, дисциплината и прифаќањето на улогата во тимот се клучни.
„Секој мора да си ја знае својата улога и да се труди да биде додадена вредност. Барам да бидеме дисциплинирани, храбри и национално горди кога играме за својата држава. Националниот дрес не смее да биде притисок, туку чест и одговорност“.
Предизвикот наречен Данска и „пеколната“ група
Македонија го отвора првенството против светскиот шампион и домаќин Данска, што според Лазаров е „најлесниот“ меч од психолошки аспект, натпревар во кој треба да се ужива и да се даде максимумот без оптоварување. Сепак, тој е реален за квалитетот на групата.
„Имаме екстремно тешка група. Мораме да бидеме реални, но во исто време амбициозни. Нашата публика е малку ‘разгалена’ и навикната на големи победи, но градењето нов тим е долготраен процес во кој клубовите играат клучна улога“.
Навивачите како нераскинлив дел од брендот
За Лазаров, македонските навивачи се силата која го препозна брендот изграден во последните две децении. Тој верува дека поддршката нема да изостане ниту во Хернинг, каде Македонија ќе се бори за достоинствено претставување и потврда на новиот репрезентативен карактер.
Пред нас е деветтото учество на Македонија на ЕП, доказ за континуитет кој малку земји со нашите ресурси можат да го постигнат.



