Легендарната Венус Вилијамс се враќа на Грен слем сцената! Седумкратната шампионка доби специјална покана (вајлд-карта) за настап на претстојниот Австралија Опен, што ќе биде нејзино прво појавување во Мелбурн по пауза од пет години.
Иако многумина ја сметаа нејзината кариера за завршена, Венус Вилијамс докажува дека возраста е само бројка. На 45-годишна возраст, постарата сестра Вилијамс ќе го одигра својот прв Грен слем надвор од Њујорк по 2023 година.
Не ја отпишувајте за 2026 година!
Венус имаше скромна 2024 година со само два одиграни меча, но нејзиниот камбек во јули 2025 година на турнирот во Вашингтон ги изненади сите. По победата над Пејтон Стернс, иако во тој момент немаше ВТА ранг, таа му порача на светот: „Не ме отпишувајте за 2026 година!“
Покрај Австралија Опен, кој започнува на 18 јануари, Венус ќе се подготвува на турнирите во Окленд и Хобарт, каде исто така доби специјални покани.
Дали се подготвува камбек и на Серена?
Додека Венус се подготвува за Мелбурн, шпекулациите за враќање на Серена Вилијамс (44) стануваат сè погласни. Иако Серена во декември демантираше дека се враќа, таа официјално повторно влезе во анти-допинг програмата за тестирање. Ова е неопходен чекор за секој играч кој планира враќање на професионалните турнири, а право на настап би имала најрано во април.
Венус Вилијамс двапати беше финалистка во Мелбурн (2003 и 2017), а во двата наврати загуби токму од својата сестра.



