Легендарниот хрватски стратег и поранешен тренер на Металург, Лино Червар, во големото интервју за Net.hr не штедеше зборови за играта на македонската репрезентација на ЕУРО 2026. „Маго ди Умаго“ ја посочи Македонија како светол пример за тоа како една „скромна репрезентација“ може да се носи со гигантите преку иновација и тактичка дисциплина, директно фалејќи го својот некогашен ученик, а сега селектор – Кире Лазаров.
Червар смета дека токму тактиката на Лазаров била причината што моќната Португалија (која ја победи Данска) беше на раб на пораз против Македонија.

„Лазаров добро ја проучил лекцијата“
Червар, кој во својата нова книга промовира „проактивна одбрана“ наместо застарената 6-0 зона, вели дека Лазаров е еден од ретките што го разбрале тој концепт и храбро го примениле.
„Мојата книга добро ја прочитал Лазаров. Со еден врвен играч како Кузмановски, кој израсна кај мене во Металург, и со нова, поинаква одбрана, тој го држеше Португал на раб на елиминација“, анализира Червар.
Според него, само несреќни околности ја спречиле сензацијата:
„Да не му испаднеше топката двапати од раце на оној играч, ќе паднеше таа Португалија кој вчера ја победи Данска“.
Тактичката замка за браќата Кошта
Она што најмногу го импресионирало Червар е како Македонија ги неутрализираше најголемите ѕвезди на Португалија.
„Тие играа проактивна одбрана каква што никој никогаш нема играно, а која јас ја сугерирам во книгата. Со тоа целосно ги запреа браќата Кошта и не им дозволија да се разиграат. Тоа е доказ дека не победува секогаш најдобриот тим, туку оној што своето знаење ќе го доведе до највисоко ниво“, вели хрватскиот стратег.
Македонија како пример за иновација
Додека ги критикуваше другите балкански селекции за менталитетот, за Македонија имаше само пофалби во контекст на модерните текови.
„Македонија е скромна репрезентација со иновативен пристап со кој одат над своите граници“, заклучи Червар.
Овие зборови од еден од најтрофејните светски тренери се огромно признание за работата на Кире Лазаров и правецот во кој се движи подмладениот македонски национален тим.



