Навивачите на Голден Стејт Вориорс добија вести кои дополнително ги подгреаја стравувањата за финишот на сезоната. Најдобриот стрелец и лидер на тимот, Стеф Кари, ќе остане на листата на повредени уште најмалку десет дена, потврдија денеска од клубот.
Проблеми со коленото кои никако не поминуваат
Иако сите се надеваа дека паузата за Ол-стар викендот (кој Кари го пропушти и покрај тоа што беше избран по 12-ти пат) ќе биде доволна за рехабилитација, реалноста е поинаква. Станува збор за синдром на патело-феморална болка и натпреченост на коската на десното колено.
Кари не е на терените уште од 30-ти јануари, а најновите лекарски прегледи покажаа дека иако има напредок, болката сè уште е присутна. Следната реевалуација е закажана за десет дена, што значи дека Стеф ќе пропушти најмалку уште пет натпревари.
„Се надевавме дека ќе биде подготвен по паузата, но едноставно не е така. Му треба повеќе време“, изјави разочараниот тренер Стив Кер.
Вориорс на „стаклени нозе“ без своите ѕвезди
Отсуството на 37-годишниот Кари (кој сезонава просечно бележи 27,2 поени) е огромен удар за тимот кој веќе го загуби Џими Батлер до крајот на сезоната поради кинење на вкрстените лигаменти.
Статистиката е немилосрдна: Голден Стејт има скор од 8 победи и 13 порази кога Кари не е во составот. Моментално „воините“ се наоѓаат на осмото место на Западот со скор 31-29, борејќи се со сите сили да останат во зоната која води во плејофот. Пред нив е пеколен распоред – дуели со Клиперси, Рокетси и Тандер, натпревари кои ќе мора да ги играат без својот „генерал“.



