Лука Дончиќ доби зелено светло за МВП и All-NBA почестите!

 

Објавено:

Иако НБА лигата оваа сезона воведе ригорозно правило од минимум 65 одиграни натпревари за влез во конкуренција за индивидуалните награди, најголемата ѕвезда на Лос Анџелес Лејкерс, Лука Дончиќ, извојува клучна победа надвор од теренот. НБА и Здружението на играчи (NBPA) официјално ја прифатија неговата жалба, со што Дончиќ останува легитимен кандидат за МВП наградата и место во најдобрите петорки на сезоната.

Зошто „висеше“ неговата кандидатура?

Лука ја заврши регуларната сезона со 64 одиграни натпревари, само еден под потребната квота. Неговото отсуство се должеше на две причини: повредата на задната ложа во финишот на сезоната, но и патувањето во Словенија во декември поради раѓањето на неговата ќерка.

Лигата одлучи дека раѓањето на детето е „вонредна околност“ која не смее да го казни играчот, особено кога станува збор за некој што имаше историска сезона со просек од 33.5 поени, 7.7 скока и 8.3 асистенции. Дончиќ стана првиот играч во историјата на Лејкерс со речиси 700 испукани тројки во една сезона, потврдувајќи дека е лидер на тимот кој во сабота го започнува плејофот против Хјустон.

Емотивната порака на Лука: „Семејството е на прво место“

Веднаш по одлуката, Лука Дончиќ се огласи преку социјалните мрежи со порака која ги допре срцата на навивачите, но и покажа голема благодарност до раководството на Лејкерс. Еве ја неговата изјава во целост:

„Благодарен сум на NBPA што се заложи во мое име и на НБА за нивната фер одлука. За мене беше исклучително важно да бидам присутен за раѓањето на мојата ќерка во декември и им благодарам на Марк, Џини, Роб, Џеј-Џеј и на целата организација на Лејкерс што целосно ме поддржаа и ми дозволија да отпатувам за да бидам таму. Оваа сезона е многу посебна за мене поради она што јас и моите соиграчи успеавме да го постигнеме и почестен сум што имам можност да бидам разгледуван за наградите на крајот на сезоната“.

Едвардс „извиси“, Канингем се радува

Покрај Дончиќ, жалбата ја доби и Кејд Канингем од Детроит Пистонс, кој иако одигра 64 меча, беше помилуван бидејќи неговата повреда на белите дробови беше класифицирана како „здравствена состојба“, а не класична спортска повреда. Од друга страна, Ентони Едвардс од Минесота беше одбиен и покрај неговата желба секогаш да игра, што предизвика револт кај тренерот Крис Финч.

За Лука Дончиќ, ова е ветар во грб пред најважниот дел од сезоната. Лејкерси можеби се соочуваат со негова повреда и статус „неизвесен“ за првиот меч против Хјустон, но неговото име официјално ќе остане во историските книги како еден од најдобрите на денешницата.


Следете нè: Facebook | Instagram | X

 

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

 
 

Тазе објавено