Магнус Карлсен ја продолжи својата доминација во светот на шахот, освојувајќи ја својата шеста титула светски шампион во рапид шах. На првенството одржано под капата на ФИДЕ, Норвежанецот заврши со убедливи 10.5 поени од 13 партии, оставајќи ги најблиските конкуренти цел поен зад себе.
Ова е вкупно 19-та светска титула за Карлсен во сите формати (класичен, рапид и блиц), со што дополнително го зацементира својот статус на најголем на сите времиња.
Клучен момент: Победа над „немезисот“ Ниман
Еден од најважните моменти на турнирот беше неговата победа во 11-тото коло против контроверзниот Ханс Ниман, со кого има бурно минато. Таа победа му го трасираше патот кон трофејот, иако претходно претрпе пораз од Владислав Артемиев.
Артемиев на крајот заврши втор со 9.5 поени, колку што имаа и третопласираниот Арџун Еригаиси и четвртопласираниот Ниман.
Горјачкина со прва титула кај дамите
Во женска конкуренција, Русинката Александра Горјачкина стигна до својата прва светска рапид титула. Таа во тај-брејк ја победи Џу Џинер, откако двете, заедно со Конеру Хампи, го завршија регуларниот дел на врвот со 8.5 поени.
Следна станица е Светското првенство во блиц шах, кое започнува веќе утре. Дали Карлсен ќе стигне до 20-тата јубилејна титула?



