Македонија без Алиоски во Кардиф: Потврдена фрактура на фибулата!

Објавено:

Најлошите можни вести пристигнаа од Швајцарија, македонскиот репрезентативен столб, Езѓан ‘Џани’ Алиоски, заработи тешка повреда која ќе го оддалечи од терените неколку месеци, што значи дека дефинитивно ќе го пропушти клучниот натпревар за пласман на Светското првенство против Велс во ноември.

Неговиот клуб Лугано денеска официјално потврди дека деталните лекарски прегледи покажале фрактура на левата фибула (Wadenbein). Повредата се случи на вчерашниот натпревар против Сервет, кога по еден силен удар од противнички играч, нашиот репрезентативец мораше да го напушти теренот со болна гримаса уште во 21. минута.

Од клубот информираат дека Алиоски ќе биде подложен на конзервативен третман, без оперативен зафат, но не прецизираат колку точно ќе трае паузата. Сепак, за ваков тип на скршеница, периодот на рехабилитација вообичаено трае помеѓу осум и дванаесет недели.

Ова е огромен удар за селекторот Благоја Милевски и за целата репрезентација, која останува без еден од своите најважни и најискусни играчи за натпреварот “да се биде или не” во Кардиф. Повредата доаѓа во најлош можен момент и за самиот Алиоски, кој по тешката сезона во Саудиска Арабија, летово се врати во Лугано по осум години и токму кога почна да влегува во вистинската форма, го доживеа овој тежок пех.


Следете нè: Facebook | Instagram | X

Можеби ќе те интересира...

Поврзано

Тазе објавено