Македонија оди на 10. Светско првенство! Континуитет, тимски дух и рекорд на Лазаров!

 

Објавено:

Ракометната репрезентација на Македонија уште еднаш докажа зошто ракометот е национален спорт број еден во нашата држава. Со доминантна, фуриозна и беспрекорна игра, македонските ракометари ја демолираа Словачка со 38:23 пред преполните трибини во СЦ „Борис Трајковски“, заверувајќи го својот билет за Светското првенство 2027 во Германија!

Со вкупен резултат од 69:47 (по гостинската победа од 31:24 во Прешов), ова е најголемата бараж победа во историјата на нашиот национален тим, надминувајќи ја онаа против Грција во 2014 година (кога славевме со +14).

Осмо Светско првенство по ред, 16. големо натпреварување во континуитет!

Она што е за вистинска почит не е само оваа победа, туку континуитетот. Од Европското првенство во 2012 година па сè до денес, Македонија не пропуштила големо натпреварување. Ова ќе биде осмо по ред учество на мундијалите и вкупно 10. во историјата на македонскиот машки ракомет. Во земја каде што континуитетот е реткост во која било сфера, овие момци покажуваат како се гради и одржува систем.

Рекордер во оваа приказна е селекторот Кирил Лазаров. Откако седна на клупата, тој нанижа шест големи натпреварувања во низа (ЕП 2022, СП 2023, ЕП 2024, СП 2025, ЕП 2026 и сега СП 2027), успешно спроведувајќи смена на генерации каде речиси 99% од ростерот е променет.

Во претходните година и пол успеавме да составиме квалитетен тим на играчи кои се борат еден за друг… Не им е важно кој ќе биде најдобар, туку најважно е да победуваме. Тој процес требаше да се истрпи и успеавме да создадеме производ кој ќе ја прави горда Македонија во следната деценија“, изјави селекторот Лазаров по мечот.

Доминација од првата до последната секунда

Натпреварот во Скопје беше вистинска ракометна клиника. Македонија тргна фуриозно и уште по 15 минути игра имаше водство од 10:3, предводена од капитенот Филип Кузмановски (кој блескаше со 11 погодоци) и бескомпромисниот Мартин Велковски (кој стрелаше перфектни 6 од 6). На полувреме се замина со 18:11.

Второто полувреме беше вистинска рапсодија. Предводени од одбраните на Мартин Томовски и Никола Митревски, разликата брзо стана двоцифрена. Сите играчи кои добија шанса (Атанасијевиќ, Петковски, Џонов, Стојковиќ, Николов) ја оправдаа довербата на селекторот. Во 53. минута, предноста достигна максимални +15 (36:21), резултат со кој и заврши мечот (38:23).

Да учиме од светските ракометни сили дека не се задоволуваме со било кој резултат и да играме од прва до последна секунда!“ – изјави искусниот голман Никола Митревски по натпреварот, нагласувајќи го новиот победнички менталитет кој се гради во соблекувалната. Тоа го потврди и неговиот колега Мартин Томовски кој додаде: „Кога ќе видам дека моите соиграчи „крварат“ на теренот пред мојот гол, тоа уште повеќе ме мотивира!

Поглед кон Минхен

Македонија сега може мирно да ја чека ждрепката за Мундијалот во Германија, која ќе се одржи на 10 јуни, каде што нашата селекција ќе се најде во вториот шешир.

Енергијата во СЦ „Борис Трајковски“, тимскиот дух и гладот за успех кај овие момци даваат надеж дека Македонија не оди во Германија само да учествува, туку да се натпреварува и да докаже дека смената на генерациите е успешно завршена мисија.

Браво момци! За Македонија! 🇲🇰🤾‍♂️


Следете нè: Facebook | Instagram | X

 

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

 
 

Тазе објавено