Вечерва од 20:45 часот, Италија комплетно ќе застане. Четири тима, збиени во само два бода разлика, влегуваат во директна војна за последните два билети кои водат во елитната Лига на шампиони. Милан, Рома, Комо и Јувентус ги играат своите натпревари во исто време, а калкулаторите веќе се вжештени бидејќи на маса има точно 81 можна комбинација на резултати.
За да се обезбеди апсолутна регуларност, сите дуели почнуваат симултано, па никој нема да има предност да ги знае резултатите на ривалите предвреме.
Правилото кое менува сè и „мини-лигата“ со 71 бод
За разлика од повеќето европски првенства, вкупната гол-разлика е целосно неважна во Серија А. Доколку два или повеќе тима ја завршат сезоната со ист број на бодови, нивната судбина се решава исклучиво преку меѓусебниот скор. Токму ова правило отвора едно нестварно, филмско сценарио на табелата.
Ако Милан и Рома вечерва ремизираат во своите мечеви, а Комо и Јувентус забележат победи, сите четири екипи 2025/26 шампионатот ќе го завршат со идентични 71 бод!
Во ваква ситуација, правилата на Калчото налагаат формирање на посебна „мини-табела“ во која ќе се пресметуваат само бодовите од нивните меѓусебни дуели. Во таа мини-лига, Милан би имал 10 бода (+3 гол-разлика), Комо 10 бода (+2), Јувентус 6, а Рома 5 бода. Тоа значи дека Милан на Макс Алегри и хитот Комо предводен од Цеск Фабрегас би патувале во Лигата на шампионите, додека Јуве и Рома би доживеале дебакл.
Кој ја има предноста, а кој ја брка елитата од заседа?
Милан (70 бода): „Росонерите“ ја држат судбината во свои раце. Имаат подобар меѓусебен скор од Рома и Комо, но се полоши од Јувентус. Во секоја комбинација каде што се изедначени само со Рома или Комо, Милан сигурно оди понатаму.
Рома (70 бода): „Волчицата“ е во најнепријатна позиција на табелата. Имаат полош меѓусебен ефект и од Јувентус и од Милан, а губат и од Комо поради полоша вкупна гол-разлика при изедначен меѓусебен скор. За нив, само чиста победа гарантира мирен сон.
Комо (68 бода): Најпријатното изненадување во Италија бара чудо од заседа. Тимот на Фабрегас има подобар меѓусебен скор од Јувентус и Рома, но губи од Милан. Победа против својот противник, со комбиниран кикс на Милан или Рома, ги лансира во елитата.
Јувентус (68 бода): „Старата дама“ има подобар меѓусебен ефект од Милан и Рома, но пати против Комо. За нив равенката е јасна – мора да победат и да чекаат Комо да не оствари триумф, или пак Милан и Рома да ги загубат своите натпревари.



