Лионел Меси ги „запали“ социјалните мрежи и ги фрли во екстаза (а многумина и ги расплака) фановите на Барселона. „GOAT“ се врати дома.
Во неделата навечер, 38-годишниот Аргентинец направил тајна, изненадувачка посета на реновираниот „Спотифај Камп Ноу“. Меси, кој сега е во Интер Мајами, објави неколку емотивни фотографии, вклучувајќи и една каде што стои сам на новиот терен, со порака која длабоко ги погоди сите навивачи на Барса.
„Се надевам ќе се вратам, не само за збогум…“
„Синоќа се вратив на местото што ми недостасува со цела моја душа“, напиша Меси на својот Инстаграм профил. „Место каде што бев неизмерно среќен, каде што вие, илјадници пати, ме направивте најсреќниот човек на светот“.
Потоа, тој ја испрати пораката што сите ја чекаа, алудирајќи на неговото ненадејно заминување:
„Се надевам дека еден ден ќе можам да се вратам, и не само да се збогувам како играч, како што никогаш не можев…“
Оваа порака удри директно во срцето на фановите, бидејќи Меси беше принуден да го напушти клубот во летото 2021 година поради финансиските проблеми на Барса. Тој никогаш не доби шанса да се збогува со навивачите на Камп Ноу, освен на онаа потресна прес-конференција каде што не можеше да ги сопре солзите.
Лапорта ветува почит, но не пред 2026-та
Посетата на Меси доаѓа во време кога стадионот е речиси готов и се очекува тимот да го одигра првиот натпревар таму по репрезентативната пауза.
Претседателот Жоан Лапорта веќе зборуваше за организирање на почесен натпревар за Меси, но ги „олади“ очекувањата за брзо збогување.
„Секако, би сакал тоа да се случи“, изјави Лапорта неодамна. „Тоа би било прекрасен начин да се покаже благодарност и признание. Кога ќе достигнеме капацитет од 100.000, ќе можеме да ја одржиме почитта што тој и клубот ја заслужуваат“.
Сепак, тој даде и еден студен рок: „Но, тоа веројатно нема да се случи пред крајот на 2026 година, бидејќи тогаш се клупските избори. Не знам дали јас сè уште ќе бидам претседател тогаш, но ако сум, со задоволство би го водел тоа“.
Следете нè: Facebook | Instagram | X



