По тешката ноќ во Кардиф и поразот од 7-1, селекторот Благоја Милевски застана пред новинарите, не бегајќи од одговорноста. Во ситуација кога неговиот договор со ФФМ истекува на крајот од месецов, неговите зборови беа мешавина од разочарување за резултатот и искрена емоција за националниот дрес.
„Одговорноста е моја“
Милевски беше директен околу причините за високиот пораз, признавајќи дека тимот потфрлил на енергетски план.
„Одговорноста е моја. Секогаш било така и ќе биде. Јас стојам зад тимот, но начинот на кој загубивме ме боли повеќе од самиот резултат. Не одговоривме адекватно на тркот и квалитетот на противникот. Кога не можете да бидете на тоа ниво, епилогот е неминовен“, изјави селекторот.

За иднината: „Емоцијата ми е патоказ“
На прашањето дали има мотив да продолжи, Милевски даде одговор кој јасно покажува колку му значи репрезентацијата.
„Кога се работи за Македонија, не треба да ме прашувате за искра и емоција. Емоцијата ни е патоказ. Никогаш тоа нема да ми недостасува за да ја водам македонската репрезентација. Со мојот стручен тим и овие фудбалери, можам само да посакам ваква енергија. Ќе видиме што ќе ни донесат утрото и иднината“, порача тој.
„Овие момци се враќале посилни“
И покрај болниот момент, селекторот застана во одбрана на своите играчи, потсетувајќи на успесите во овој циклус.
„Овие играчи ни ги донесоа успесите и рекордите во овие две години. Изборивме плеј-оф вторпат по ред. Ова беше само еден лош натпревар. На момците им е тешко, но нивниот карактер ми дава за право да бидам оптимист. Се враќале посилни од покомпликувани ситуации“, заклучи Милевски.
Македонија сега го чека противникот во баражот од четвртиот шешир, а делегацијата се враќа во Скопје. Селекторот ќе патува во Цирих за ждрепката в четврток.
Следете нè: Facebook | Instagram | X



