На 40-годишна возраст, кога повеќето фудбалери одамна уживаат во заслужена пензија, Лука Модриќ сè уште ја демонстрира онаа сурова, спортска страст која го дефинираше како еден од најголемите на сите времиња. Хрватскиот волшебник ја надмина фрактурата на јаболчната коска и експресно се стави на располагање на Масимилијано Алегри за неделниот, судбоносен дуел против Каљари. Но, додека Милан ја брка визата за Лигата на шампионите, Модриќ во пресрет на мечот испрати уште помоќна порака до јавноста – неговата мисија на „Сан Сиро“ не е завршена.
Гладен за пехари и во петтата деценија од животот
Актуелниот договор на Модриќ со „росонерите“ истекува на 30 јуни, а италијанските медиуми веќе почнаа да ја дебатираат неговата иднина. Сепак, Хрватот во интервју за „Спорт Медијасет“ реши да ги тргне на страна преговорите.
„Кога го избрав Милан, тоа беше за да помогнам и да се обидам да победувам. Оваа година тоа не се случи, но јасно е дека би сакал да освојам трофеј со Милан“, отворено признава Модриќ, испраќајќи директен сигнал до раководството на клубот дека неговата приказна во Милано бара побогато поглавје.

Маската не е пречка, пензијата е на чекање
За него, скршената коска на лицето и заштитната маска се само обичен детаљ. Хрватот веќе тренира со полн интензитет со тимот, истакнувајќи дека има ненормално голема желба за игра. Модриќ буквално ужива во италијанскиот начин на живот, пастата и градот, па затоа и не брза да ги закачи копачките на клин за да му стане десна рака на Алегри, иако во Милано веќе наголемо се зборува за таква тренерска улога.
Пораката на хрватскиот капитен е јасна: заминувањето во пензија ќе почека, а конечните одлуки ќе се носат дури откако в недела ќе биде завршена примарната задача – враќање на Милан во европската елита.



